Македонија
Нов скандал со „Трансферзалец“, водичот ќе оставел двајца планинари на Кораб
Двајца планинари, од кои едниот со повредено колено, биле принудени да трчаат по автобусот од организираната тура за искачување на Кораб викендов оти водичот на групата решил да се вратат назад без нив. Организиратор на турата било планинарското друштво „Трансферзалец“, кое ја организира и турата за искачување на Кајмакчалан кога загинаа двајца планинари. За последниот скандал алармираа планинари што биле сведоци на одлуката на водичот да тргнат иако недостигале двајца планинари.
„Нè оставија на 2 км од почетокот на патеката за искачување до врвот Голем Кораб и ни кажаа дека автобусот назад тргнува во 17 часот. Од организатори и водичи ни трага ни глас. Стигнав долу прв и морав да го барам автобусот што не беше на најавената локација. Стигнуваат и во автобусот влегуваат изморени луѓе и организаторот сфаќа дека недостигаат двајца и тргнува да ги бара, се враќа сам и му вели на шоферот да си одиме бидејќи се стемнува. Јас сфаќам дека се спремни да остават двајца луѓе сами во темница на планина и почнувам да се бунам. Автобусот тргнува. Двајца планинари што недостигаа се симнуваат по патот и трчајќи тропаат на автобусот со цел да запре за да влезат. Организаторите беа спремни да ги остават, ниеден водич не се загрижи, ниту одеше последен. Еден од двајцата го повредил коленото и морале да одат полека. Никогаш пак со ‘Трансферзалец’“, вели Марко Томиќ, еден од планинарите што го искачувале Голем Кораб.
Водичот од „Трансферзалец“, Јовче Николовски, за „Макфакс“ изјави дека два часа ги чекале планинарите што недостигале во групата пред да одлучат да си тргнат назад.
„Важно, со убаво заврши работата. Беше договорено автобусот да тргне во 17 часот. На сите јасно и гласно им кажав каде да се најдеме. Се симнаа половина. Половина се влечат, македонска работа. Се крена тензија, бараа да тргнеме оти два часа стоевме во место. Тие треба да бидат благодарни што ги чекавме. Уште кога сигнавме на Кораб, еден планинар рече дека ќе оди со приватен превоз, но ќе најави. Ние претпоставивме дека двајцата отишле заедно. Тамам тргнавме пополека, тие дојдоа. Немаа мрежа на телефоните“, вели водичот Николовски, кој се согласува дека не смееле да тргнат без да дојдат планинарите. 10-ина минути по изјавата, Николовски рече дека автобусот се поместувал на локацијата каде што требало да се чекаат, а не дека заминувал.
Од Федерацијата на планинарските спортови објаснуваат дека организаторот мора да се врати со ист број лица колку што имало кога тргнале на турата и негова обврска било да ги чека сите. Последниот водич, според Федерацијата, е обврзан да ги собере сите, дури и оние што евентуално заталкале.
„Не сме запознаени за ова. Деновиве треба да достават извештај, потоа ќе можеме да дадеме детали“, велат од Федерацијата на планинарските спортови.
Од „Трансферзалец“ велат дека викендов организирале две искачувања на Кораб, од кои едното било со ноќевање во шатори. Автобусот тргнал без планинарите дојдени на еднодневното искачување. Водичот Николовски вели дека токму поради тоа што имало две искачувања, кон врвот тргнале со еден водич, а се вратиле со двајца оти таму се споиле двете групи.
Двајцата планинари што трчале по автобусот се недостапни за изјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поплави во повеќе региони во земјава – евакуирани 220 лица во Кичево, критично во Форино, поплавени куќи, ниви, подруми
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека поради обилните врнежи од дожд се регистрирани поплави во повеќе региони во земјата, при што најкритична состојба има во Полошкиот регион и во Кичево.
Во Полошкиот регион, во Гостивар, екипи на противпожарната служба интервенирале во текот на целата ноќ. Најпогодено е селото Форино. Поплавени се и земјоделски површини во селата Чајле, Турчане, Врапчиште и Беловиште.
Во Југозападниот регион, во Кичево, на улицата „Прилепска“ е регистрирано најголемо поплавување на куќи, а евакуирани се 220 лица кои се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. На улицата „29 Ноември“ во населбата Подварош, поплавени се подруми во повеќе куќи. Поплавени се и објекти на болницата во Кичево. Организирана е достава на храна и вода за загрозените лица со поддршка на Црвениот крст, а на терен работат екипи од полицијата, комуналното претпријатие и противпожарната служба.
Во Североисточниот регион, во Општина Липково, во дел од селото Опае поплавени се земјоделски површини поради излевање на Слупчанска Река, при што засега нема пријавени материјални штети. Поплавени земјоделски површини има и во селото Оризаре. Во Куманово, во селото Доброшане, на локацијата Шупли Камен кај мостот на Кумановска Река има насобрани пластични шишиња, но засега нема опасност од излевање на реката.
Во Скопскиот регион, во Општина Сарај состојбата утрово се следи и е мирна, додека во Општина Зелениково има минимално излевање на реката Вардар кај селата Пакошево и Ново Село, без непосредна опасност.
Во Југоисточниот регион, во Струмица, засега нема пријавени штети од врнежите од дожд. Пријавен е одрон кај селото Суви Лаки кон Берово и за истиот се известени надлежните служби.
Во Источниот регион, во Пробиштип, регистриран е прекин во снабдувањето со електрична енергија во селата Долни и Горни Стубол, а екипи на ЕВН работат на отстранување на дефектот.
Македонија
„Власта дели тендери како колачи – 74 тендери само за една фирма за две години“, велат од СДСМ
„Додека владата на Мицкоски нема пари за минимална плата од 600 евра, додека кратат 40 милиони евра субвенции за земјоделците, има за нов авион, лукзус, мебел, возила, и згора на се, дели тендери како колачи. Кога се носат часовници од 65 илјади евра, нема време за работниците и граѓаните има само за приватен бизнис“, велат од СДСМ.
„Едни исти фирми, блиски до власта, добиваат огромен број тендери, со милионски милонски суми за краток период. 74 тендери во вредност од 17,6 милиони евра за само две години добила фирмата „Ленди Груп“ ДООЕЛ Скопје.
Наглиот раст на договорите започнува во 2024 година и продолжува во 2025 година. Само минатата година се склучени 59 договори, најголем дел со општини раководени од ВМРО-ОКГ.
Симптоматично е што вредноста на договорите речиси целосно се поклопува со проценетата вредност на тендерите –што е класичен индикатор, сериозен сомнеж за наместени јавни набавки.
161 тендер за семејната фирма на Томовски. 51 тендер за друга фирма преку општини. Сега 74 тендери за трета фирма блиска до власта.
За сите овие скандали повеќе од 54 дена молчат Обвинителството, ДКСК, Финансиската полиција. На сите треба да им биде јасно дека одговорност ќе има. Антикорупцискиот тим на СДСМ продолжува да ги разоткрива шемите со криминални тендери“, соопшти СДСМ.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

