Македонија
Нов спортски комплекс „Шампиони“ отворен во Кисела Вода
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вчеравечер, заедно со спортските легенди Аце Станковски, Коки Аврамовски и синот на починатиот Николчо Зиков, ја пресече лентата и со тоа го отвори новиот спортски компекс „Шампиони“ во дворот на основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“. Талентираните ученици сега на располагање имаат современи терени за фудбал, за баскет, за одбојка на песок и пинг-понг, а во знак на почит кон петмина познати спортисти, кои преку своите успеси се запишаа во светската спортска историја, на ѕидовите на објектот на училиштето беа откриени мурали на Аце Станковски, Дарко Панчев, Коки Аврамовски, Слободан Горачинов и Николчо Зиков.
„Со голема радост и гордост, денес, го отвораме новиот спортски комплекс во дворот на основното училиште ‘Кирил Пејчиновиќ’. Овoj модерен спортски центар од сега е простор каде што на нашите ученици им даваме можност да тренираат и да ги развиваат своите потенцијали во повеќе спортови. На располагање им ставаме современи терени за фудбал, за баскет, дури и за одбојка на песок и пинг-понг. Со овој проект инвестираме во нашата следна генерација спортисти, кои со својот труд и посветеност може да ја обележат не само нашата општина туку и целата држава. Впрочем, Кисела Вода отсекогаш била расадник на таленти и од овде потекнуваат многу познати спортисти, чии имиња засекогаш ќе останат запишани во спортската историја. Во знак на почит кон оствареното и како инспирација на младите луѓе што тука ќе спортуваат, денес ги откриваме и муралите на петте спортски легенди од нашата општина, шампионите Аце Станковски, Дарко Панчев, Коки Аврамовски, Слободан Горачинов и Николчо Зиков. Силно верувам дека и сега во Кисела Вода имаме талентирани млади луѓе, чии имиња ќе се запишат во историјата како големи примери за спортски успеси, а ние како локална самоуправа ќе им овозможиме квалитетни услови за спортување и остварување на нивните соништа.
Денешниот спортски комлекс ‘Шампиони’ е уште еден во низата спортско-рекреативни центри и паркови што ги изградивме во овие две години, чиј број веќе е околу 15, а градењето и обновата на спортската инфраструктура ќе продолжат со засилено темпо. Во секоја населба, во секое населено место. Бидејќи спортот не носи само успех на теренот, туку зацврстувајќи ја посветеноста и дисциплината, носи и развој на карактерот. Нека ‘Шампиони’ биде место на кое нашите млади секојдневно ќе се надградуваат себеси креирајќи нова и подобра верзија од себеси. Нека овој спортски комлекс ја трасира спортската иднина на новите шампиони“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

