Македонија
НСДП: Да ги потиснеме емоциите, да дозволиме да надвладее разумот за името
Новиот Извршен одбор на НСДП на својата конститутивна седница што ја одржа вчера даде целосна поддршка на постигнатиот договор помеѓу владите на Република Македонија и Република Грција за решевање на 27-годишниот спор за името.
„По повеќе години изгубени во изолација, авторитарно владеење, нарушени односи со соседите, националромантичарски манипулации со чувствата на народот, популизам, зад кој се криеја лукративни и коруптивни интереси на политички елити, Македонија дојде до точка на пресвртница. Еден од најтешките проблеми со кои се соочувавме од осамостојувањето до денес, кој нè држеше на маргините од демократските политички текови на Европа, со потписите на премиерите на Македонија и Грција се направи првиот чекор за негово надминување. Со потпишувањето на спогодбата за решавање на проблемот за името пред Македонија се отворија перспективи за воведување цивилизациски и европски вредности во управувањето со државата. Решението е повеќе од билатерално, во себе носи стабилизација на регионот и градење пошироко регионално стратегиско партнерство во напорите за зачленување во ЕУ и НАТО.
Македонскиот јазик и идентитет се загарантирани, добиваат меѓународен легитимитет. Посебноста на македонскиот народ не е на ниту еден начин загрозена, генерирањето стравови кај граѓаните дека се загрозува опстанокот на македонскиот народ, е производ само на рудиментирани и компромитирани политики на центри, кои своето политичко егзистирање го темелат на национализам и политичка митологија свртена кон минатото, кон изолацијата“, е ставот на партијата.
Стратешките определби за ЕУ и НАТО по потпишувањето на спогодбата наметнуваат императив од брзо спроведување на сите формално-политички процедури за нејзино целосно имплементирање. Пред нас е историски момент, нов Илинден, се отвораат европските перспективи пред Македонија, се отвора ново поглавје во историјата на државата, што бара од сите политички фактори, без одложувања и какви било пролонгирања, да се вклучат во донесувањето на сите неопходно одлуки што ќе значат спроведување на решението на проблемот за името.
НСДП смета дека од одговорноста на сите политички партии и политички фактори во овие денови зависи дали ќе си ја завршиме преземената обврска во пресрет на Советот на ЕУ и самитот на НАТО. Сите политичките партии што партиципираат во Собранието, вклучително и на претседателот, во овие моменти потребно е да пристапат кон рационално согледување на политичките и економските перспективи кои се отвораат за идните генерации, неопходно е да демонстрираат нов начин на водење на политиката во земјата, начин што значи изградено чувство за подабар квалитет на живот за сите граѓани на Македонија. Себичните политички калкуции, проследени со реторика на поттикнување ирационални стравови кај граѓаните дека некој нешто сака да им земе, да ги поништи, не е ништо друго, тука отворање на вратата кон пропаста на државата.
„Пред нас се два клучни датума, на кои историската одговорност на актуелната политичката генерација за зачувување на државата ќе биде верификувана на 28 јуни од страна на Советот на ЕУ со добивање датум за почеток на преговорите и на 12 јули со самитот на НАТО. Со отворањето на вратите на НАТО и ЕУ за Македонија, освен безбедносни гаранции, ќе се стекнеме и со институции што гарантираат демократија, владеење на правото, човекови права и слободи и, секако, економски бенефици. Македонија ќе ја заокружи својата државност. Граѓаните ќе имаат фер шанса на референдум да преземат дел од историската одговорност и да одлучат за тоа во каква држава ќе живеат идните генерации. Во пресрет на оваа одлука граѓаните треба да ги потиснат емоциите, да дозволат да надвладее разумот затоа што само на тој начин може да се изгради реален однос кон оваа прашање и да се согледа дека патриотизмот во 21 век, век на растечка политичка и економка меѓузависност на државите, се состои во препознавањето на фактот дека егзистенцијата на нациите, односно на државите, нè води преку патот на самоизолација од модерните политички текови“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

