Македонија
НСДП: Образованието да биде национален приоритет
Во однос на реформата на основното образование, кое се најавува од страна на Министерството за образование и наука, НСДП цени дека повеќе од потребни се квалитативни промени, кои ќе нè поместат од дното на светските рангирања за писменост. Според НСДП, потребен е инклузивен процес на дијалог и дебата во кој ќе бидат вклучени сите фактори од кои зависи испорачувањето квалитетни резултати во оваа сфера.
„Освен институциите на системот, како неизоставен дел од напорите за подобрување на состојбите со образованието потребно е активно да бидат вклучени сите засегнати страни, како што се наставниците, професорите, учениците и родителите. Квалитетното образование да се постави како врвен национален приоритет, со јасно формулирани цели и методи на развивање на способностите, знаењата и вештините на учениците. Само на тој начин може да го направиме првиот исчекор кон воспоставување модерен и динамичен образовен систем, од кој ќе излегуваат оформени и слободоумни млади генерации, оспособени за предизвиците што ги носи иднината“, наведуваат од партијата.
НСДП смета дека најнапред е потребно е да се води сметка целокупниот образовен процес да биде ослободен од стереотипите и предрасудите, од идеолошките и политичките митови, образованието да прерасне во мост на разбирање помеѓу младите генерации со различна етничка припадност и разни погледи на определени општествени процеси.
„Унапредувањето на материјалните аспекти и реалното профункционирање на вистинско бесплатно образование цениме дека претставуваат цели што заслужуваат внимание во дебатата што се отвора за реформа на основното образование. Ослободувањето на родителите од трошоците што ги имаат за своите деца за оброк, посети на музеи, училишни екскурзии, како и за разни наставни помагала, кои се неопходен дел од образовниот процес, се прашања што заслужуваат одговор од институциите на системот. Приоритет треба да добие и надминувањето на лошите материјално-технички и санитарни услови што постојат во дел од училиштата во руралните средини, каде што учениците немаат ниту пристојни хигиенски услови.
Состојбите со основното образование директно влијаат на високиот степен на неписменост кај младите генерации, со акумулиран потенцијал да наштети на севкупниот општествен и економски развој на државата. Ова е системски проблем кој бара ургентно надминување, но истовремено е потребно фокусот да биде проширен и на унапредување на состојбите во средното и високото образование. Затоа, НСДП смета дека е потребно да се постави јасна цел во наредните 10 години како држава да дојдеме на ниво на писменост од 98 %, а трошоците за образованието што државата ги издвојува да достигнат 5 % од вредноста на БДП на земјата.
Со зајакнувањето на финансиските основи на образованието ќе се унапредат материјалниот и општествениот статус на наставниците и професорите, нивната професионална мотивираност за усовршување и самообразование. Преку програми за интензивна дополнителна обука, квалификација, доквалификација или преквалификација да добиеме наставници што ќе бидат воспитувачи, а не строги судии. Издвојувањето поголеми финансиски средства за образованието ќе значи квалитетна и компетентна настава во сите степени на образовниот процес“, порачуваат од НСДП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

