Македонија
Нуредини: Преземаме заеднички активности со Албанија за заштита на Охридскиот Регион
Денеска во Охрид се одржа заедничката седница на националните комисии на УНЕСКО на Северна Македонија и на Албанија на којашто е договорено да се отвори ново поглавје во билатералните односи меѓу двете држави во заедничкото управување со Охридскиот Регион, како природно и културно наследство што го споделуваме со целиот свет.
„Во однос на Охридскиот Регион двете држави се сериозни во намерата да се следат препораките и да се зачува статусот на УНЕСКО, како и воопшто да се унапреди состојбата на Охридскиот Регион и да се заштити природното и културното наследство кое го поседува. Драго ми е што сите активности се преземаат координирано со нашите соседи и што настапуваме заеднички пред Комитетот на УНЕСКО презентирајќи ја идејата за конкретен заеднички План за закрепнување и акциски план, со што ја покажуваме сериозноста во нашиот пристап. Се надевам дека ќе добиеме дополнителен временски период за исполнување на истиот, пред да се најдеме на листата на загрозено светско наследство“ – изјави министерот за животна средина Насер Нуредини.
Заеднички е ставот дека Владите работат напорно на ова прашање без оглед на тоа што е сè уште период на пандемија и се соочуваме со економска криза. Од страна на Министерство за животна средина и просторно планирање веќе се работи на ревалоризацијата на природните вредности на Охридското Езеро и е изготвен првиот нацрт на новото зонирање, со помош на експертите на Меѓународната унија за конзервација. Тоа е основата за репрогласување на Охридското Езеро како споменик на природата, но суштината е во донесувањето на Новиот план за управување со езерото со кој ќе се обезбеди соодветната заштита. Министерите Нуредини и Клоси зборуваа и за интензивирање на соработката во овој дел преку вклучување на албаниските колеги експерти во усогласувањето на активностите на двете страни од границата, со цел обезбедување интегрирана заштита. Министерот Нуредини информираше дека е подготвен и нацрт-законот за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата, кој треба во секој момент да биде објавен за консултации со јавноста, а решението за привремена заштита на подрачјето е веќе потпишано од негова страна. Исто така, разговарано е и за други теми од заеднички интерес, како што е новиот план за управување на Националниот парк Галичица, и заедничките активности во заштита на Преспа паркот.
Со седницата претседаваа министерките за култура на Северна Македонија и на Албанија, Ирена Стефоска и Елва Маргарити, а придонес, од аспект на своите ингеренции, покарај министерот за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија, Насер Нуредини, неговиот албански колега, министерот за туризам и животна средина Бленди Клоси, дадоа и членовите на националните комисии и експерти од двете земји.
Претставниците на националните комисии на двете земји се договорија заедничкиот стратегиски план, кој ќе содржи и детален акциски план со мерки и идни активности, да го достават до Центарот за светско наследство на УНЕСКО најдоцна до февруари 2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски денеска на Пониква ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители кои традиционално во овој период престојуваат во зимското одморалиште на МВР на Пониква.
-Имав чест на заеднички ручек да поминеме време заедно, во искрена и топла атмосфера, да поразговараме на повеќе теми. Жртвата што ја дале нивните најблиски е најголемата можна жртва, затоа што тие ги загубиле своите татковци, сопрузи, синови во одбрана на татковината, посочува Тошковски во објавата на својот Фејсбук профил.

Министерот нагласува дека жртвата на загинатите бранители не смее и нема да биде заборавена.
-Таа за нас претставува аманет и трајна обврска, секогаш да бидеме покрај нив, да им даваме поддршка, да ги почитуваме и да одговараме на нивните потреби во рамките на надлежностите што ги имаме, вели Тошковски.
Македонија
Минималната плата не го покрива ни основното преживување, велат од СДСМ
Од СДСМ порачаа дека платите на работниците мора да се зголемат веднаш, а не по најави и проекции за две или четири години, оценувајќи дека актуелната економска политика не одговара на реалните животни трошоци и секојдневните потреби на граѓаните.
„На работниците не им требаат изговори ниту најави за 2028 година. Платите треба да се покачат сега, затоа што парите не им стигаат од први до први“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека животниот стандард е сериозно загрозен, а минималната плата не обезбедува основна егзистенција.
Од партијата реагираат и на изјавите и настапите на премиерот Христијан Мицкоски, прашувајќи дали тој чекал две години кога купувал часовници во вредност од 65.000 евра, додека работниците се принудени да преживуваат со примања што не ги покриваат ниту основните трошоци.
Според последните податоци, минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во јануари 2026 година изнесувале 66.413 денари, што, како што посочуваат од СДСМ, значи дека ниту две минимални плати не се доволни за покривање на основните потреби. Со сегашното ниво од околу 400 евра, минималната плата, според опозицијата, не обезбедува заштита на животниот стандард и не ја следи реалната структура на трошоците во едно просечно домаќинство.
„Работниците буквално се борат за парче леб и не можат да чекаат до 2028 година“, велат од СДСМ, оценувајќи дека Македонија денес има најниска минимална плата не само во регионот, туку и во Европа.
Во реакцијата се споредуваат и состојбите во соседството. Во Косово, минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази, во Албанија од 1 јануари 2026 година минималната плата ќе изнесува 500 евра, во Србија со владина одлука е зголемена на 500 евра, додека во Црна Гора се движи од 600 до 800 евра.
СДСМ предупредува дека последиците од ниските плати веќе се видливи, со масовно заминување на квалификувани работници и млади луѓе во странство, додека во земјата се увезува работна сила. Според партијата, ваквите политики водат кон дополнително намалување на вредноста на трудот, доколку тоа, како што наведуваат, не е и свесна цел на актуелната власт.
Македонија
По реакции од граѓани, се чисти Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека денеска градот е целосно мобилизиран во сеопфатна и темелна акција за чистење на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, кој секојдневно го посетуваат илјадници граѓани од сите делови на државата.
Според Ѓорѓиевски, во акцијата се вклучени сите јавни претпријатија на Град Скопје, а целта е уредување на, како што посочи, срцето на македонското здравство, по долгогодишна негрижа за овој исклучително важен комплекс. Акцијата, како што нагласи, е директен одговор на оправданите реакции и забелешки на граѓаните.
„Местото каде што се лекува народот мора да биде чисто, безбедно и достоинствено“, порача градоначалникот, додавајќи дека Клиничкиот центар заслужува уредена и пристојна околина.
Во рамки на акцијата се перат и чистат улиците и паркинзите, се сече и отстранува опасната и запуштена вегетација, се чистат сливниците, се метат сите јавни површини со специјализирани возила, како и се подига кабастиот и комуналниот отпад. Според најавите, секој дел од комплексот ќе биде уреден со цел Клиничкиот центар да добие лик соодветен на неговото значење.
Ѓорѓиевски потенцираше дека ова не е изолирана интервенција, туку почеток на континуирана грижа, најавувајќи дека ваквите акции ќе продолжат и во иднина со цел одржување на хигиената и безбедноста во најзначајните јавни простори во градот.

