Македонија
Обвинение за пет лица во предметот „Грчец“, за другите постапката ќе продолжи по нивно обезбедување
По спроведена сеопфатна истражна постапка што се водеше од почетокот на оваа година, предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против пет лица.
„Според описот наведен во првиот дел од диспозитивот на Обвинителниот акт тројца од обвинетите како припадници на организираната меѓународна криминална група извршиле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори од чл.215 ст.3 од Кривичен законик. Тие како припадници на организирана меѓународна криминална група, заедно со други лица од кои дел се осомничени во предметот и се недостапни на органите на прогонот, дел се починати, а дел веќе осудени, заеднички делувале, секој во својата улога на неовластена набавка, пренесување, држење, продажба и посредување во купопродажба. Во повеќе наврати во текот на 2020 година овие тројца обвинети биле инволвирани во неовластено купување на 15,005 килограми наркотична дрога – кокаин, нејзино пренесување и пуштање во промет во државава.
Меѓународната криминална група чии припадници се обвинетите, делувала во временскиот период од 14.06.2019 до 09.03.2021 година при што во повеќе наврати спровела неовластено купување на наркотична дрога – кокаин од земјите од Јужна Америка, организирајќи го и нејзиното пренесување преку воден пат до Европските земји. Неовластеното пренесување на наркотичната дрога – кокаин наменета за неовластена продажба во Р.СМакедонија од Кралството Белгија и од Р.Албанија преку Косово го договарал и организирал еден од осомничените во предметот – недостапен на органите на прогонот кој е организатор на групата во РСМакедонија.
На останатите двајца обвинети им се става на товар дека сториле кривични дела Злосторничко здружување од чл.394 ст.3 и Убиство од чл.123 ст.2 т.5 од Кривичен законик. Имено, во временскиот период од декември 2019 до март 2021 година, осомничениот организатор на погореспоменатата криминална група кој е во бегство, заедно со уште едно лице недостапно на органите на прогонот и двајца починати создале криминална група која имала за цел вршење на кривично дело Убиство од одмазда и по порачка. Припадници на групата покрај двајца починати станале и двајца осомничени во предметот – недостапни на органите на прогонот, како и двајцата обвинети. Организаторите на криминалната група подготвувале планови и носеле одлуки за тоа кој, кога, каде и на кој начин да биде лишен од живот. Одлуките ги спроведувале лично или преку припадниците на организираната криминална група, кои ги прифаќале и спроведувале, а договорите, налозите и упатствата биле пренесувани во непосредни контакти или преку енкриптирани телефони на кои била инсталирана апликацијата “SKY“. Така, организаторите врз основа на претходни сознанија во кои биле цврсто убедени, дека едно лице наводно е учесник и предводник во престрелката во Хотел „Александар Палас“ во Скопје, каде со употреба на огнено оружје било пукано кон дел од членовите на групата, започнале да прават план за лишување од живот на лицето. Откако донеле одлука да го убијат ги ангажирале двајцата обвинети и уште едно сега починато лице, давајќи им налог да го следат неговото движење. По неколку неуспешни обиди на 5.3.2021 година, обвинетите и сега починатиот употребувајќи светлосни сигнални уреди – флешери го запреле возилото во кое се наоѓало лицето кое им било цел со уште три други лица и со употреба на автоматско оружје и пиштол го лишиле од живот , притоа убивајќи уште едно лице кое седело зад него.
Со Обвинителниот акт предметниот обвинител достави и посебен предлог на обвинетите да им се продолжи мерката притвор заради постоење на можност обвинетите да се дадат во бегство или да го повторат делото.
Наредбата за спроведување на истражна постапка беше донесена во јануари против 15 лица. За четири лица кои се недостапни на органите на прогонот, обвинителството преку Министерството за правда ги има преземено сите неопходни активности согласно Законот за меѓународна помош во кривична материја. Така, за две лица се доставени документи за екстрадиција до Обединетите арапски емирати, за едно лице до Р. Хрватска и за едно лице до шпанските власти. Постапките за екстрадиција се водат согласно процесните закони на државите во кои се наоѓаат осомничените лица и за нив истражната постапка ќе продолжи по нивното обезбедување, како и за останатите осомничени“, велат од Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

