Македонија
Обвинение против двајца битолски гинеколози поради смрт на новороденче
Oбвинителството во Битола поднесе обвинение против две лица за тешки дела против здравјето на луѓето.
„Обвинетите, како лекари специјалисти по гинекологија и акушерство вработени во ЈЗУ Клиничка болница ‘Д-р Трифун Пановски’ – Битола, несовесно постапувале при укажување лекарска помош – породување на пациентка родилка од селото Смилево, општина Демир Хисар, поради што настапила смрт на новороденчето“, информираат од Обвинителството.
Родилката била примена за породување на 12.10.2019 година околу 17:00 часот во Одделот за гинекологија и акушерство при Клиничка болница Битола, каде дежурни лекари биле обвинетите. Тие не ја следеле и навремено не ги регистрирале промените во здравствената состојба кај родилката. Иако сите промени во здравствената состојба на родилката претставувале апсолутен показател дека здравјето и животот на плодот е во опасност поради недоволен доток на кислород, што, пак, претставува индикација за итен царски рез, обвинетите лекари не ја презеле оваа интервенција благовремено. Поради продолженото породување и доцнењето од најмалку пет часа од појавата на индикациите за итен царски рез, интензитетот на страдањето кај плодот се зголемувал. Интервенцијата кај родилката била извршена околу 6:30 часот на 13.10.2019 година, при што се родил плод – женско дете со родилна тежина од 3.550 грама и должина од 48 сантиметри во многу лоша состојба, кое починало за кратко време по породувањето поради кислородното страдање во утробата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

