Македонија
Обвинителите од регионот ќе соработуваат за финансиските истраги
Здружението на јавните обвинители во Македонија, Унијата на обвинители на Албанија, Здружението на федерални обвинители на Федерацијата Босна и Херцеговина, Здружението на обвинители на Бугарија, Здружението на обвинители на Косово, Здружението на државни обвинители на Црна Гора и Здружението на обвинители на Србија во Скопје потпишаа Меморандум за соработка.
Овој Меморандум има за цел воспоставување на директна соработка помеѓу Здруженијата на обвинители од регионот на Западен Балкан, во согласност со принципите на меѓусебно разбирање и реализација на заеднички интереси. Со потпишувањето на Меморандумот, интенцијата е да се зголеми соработката и во насока на зајакнување на позицијата на овие здруженија, да се стимулира регионалната соработка меѓу членовите на здруженијата, да се овозможи размена на информации и практични искуства, но и да се создаде една силна неформална мрежа на професионалци. Овој Меморандум претставува основ за имплементирање на заеднички проекти од меѓусебен интерес, кои ќе резултираат со конкретни мерки за развој на национално, регионално и меѓународно ниво, на самите здруженија и унапредување на работата на јавните обвинители, а воедно ќе биде основ за воспоставување на континуирани годишни состаноци на членови на здруженијата.
Меморандумот за соработка беше потпишан во рамки на првата тематска регионална работилница на Здруженијата на обвинители од Западен Балкан „Финансиски истраги и конфискација: подобрување на соработката во регионот на Западен Балкан“, која се одржа на 13-14 март во Скопје, во организација на Здружението на јавните обвинители во Република Македонија и Германското Друштво за меѓународна соработка ГИЗ – Глобална Програма за борба против нелегални финансиски текови.
Присутните учесници преку практични примери ги пренесоа проблемите со кои се соочуваат обвинителствата, но и добрата пракса при водење на овие истраги, носејќи заеднички заклучок дека и покрај различното законско, посредно или непосредно, дефинирање на финансиските истраги, неопходно е нивно паралелно спроведување со конвенционалните истраги, но ја нагласија и неопходноста за спроведување на прекугранична истрага преку директна и брза меѓународна соработка. Воедно, се дискутираше и за можностите при спроведување на судски одлуки за одземање на предмети и конфискација и потребата за реформи на стратешко ниво во правосудство во секоја земја преку имплементација на најдобри решенија и воспоставување на нови институционални тела, во насока на најефикасно спроведување на финансиските истраги и конфискација на средствата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

