Македонија
Обвинителот Трајче Пеливанов ќе раководи со Обвинителство за гонење организиран криминал
По скоро година и половина поминати во Обвинителството за гонење организиран криминал, обвинителот Трајче Пеливанов ќе раководи оваа институција.
Советот на јавни обвинители, го разгледуваше предлогот на републичкиот обвинител Љубомир Јовески, и го избра да ги обавува обврските кои ги имаше обвинителката Вилма Русковска. Изборот доаѓа откако во петокот беше потврдена суспензијата на Русковска, која има мандат за да биде шефица на ова обвинителство.
Одлуката за поставување на Пеливанов беше едногласно изгласана од присутните членови на седницата. Тој ќе ја обавува функцијата до прекинот на суспензијата на Русковска или избор на нов обвинител, со оглед дека нејзинот мандат истекува во ноември.
Замена за Русковска е нужно да се постави, согласни беа сите присутни членови на седницата. Единствената дилема која ја имаше советот беше поврзана со терминологијата која ќе се употребат при поставувањето на заменикот, во случајов обвинителот Пеливанов, бидејќи Законот за јавни обвинители не предвидува ситуација каде шефот и неговиот прв заменик ќе бидат дел од дисциплинска постапка, за да се овозможи поставување на вршител на должност.
„Со оглед дека имаме една таква состојба, тешко дека и законодавецот можел да го превиди. Имаме состојба каде е отстранет од работа од тоа обвинителство, неговиот заменик е опфатен со постапката, заедно со друг обвинител. Дали може сега обвинителството, станува збор за едно од поголемите обвинителства, да го оставиме без раководител во овој период? Во рамките на духот на законот, сметам дека нема да згрешиме ако одиме со в.д.. Можеби диспозитивот треба да стои додека трае оддалечувањето на јавниот обвинител. Сметам дека нема да прекршиме права на никој што е засегнат, ниту отстранетиот јавен обвинител, ниту на првиот заменик, ниту некој трет. Тоа Обвинителство мора да има стабилно раководење, особено во овој период“ – рече Јовески.
Обвинителот Штерјев, кој беше согласен дека треба да има замена за Русковска, имаше само забелешки во делот на терминологијата.
„Законот предвидел суспензија како институт и предвидел институт распоредување. Во законот вели: ‘Ако на јавниот обвинител му е истечен мандатот, му престанала функцијата или е разрешен, Советот донесува в.д. …’. Нужен предуслов е да е разрешен обвинителот. Тоа е условот, за да има примена на институтот. Ваква ситуација имаше овој Совет пред три години, кога беше Катица Јанева. И на крај се разбравме. И тогаш реков: Замислете да ја пуштат Катица Јанева, ќе имаме двајца, еден избран и еден в.д.?. Од друга страна тоа обвинителство не смее да остане без шеф на обвинителство, мора да се реагира таму. Во таа дисциплинската постапка е и првиот заменик. Јас како го гледам изборот: Да се побара од заменичката да изготви нов распоред. Тој човек кој ќе го ставиме како в.д.. Да не правиме од советот недоветност. Мислам дека така штета најмалку ќе се направи. Вака кога не е разрешен, а поставуваме в.д..“ – кажа Штерјев.
Со ваквиот предлог не се согласија останатите членови, бидејќи сметаа дека изборот на заменик на Русковска ќе биде компромитиран, бидејќи заменикот назначен од суспендираната шефица, односно Ивана Трајчева, е опфатена во истата дисциплинска постапка.
Дел до членовите на Советот посочија и дека ова не е ист случај како со Катица Јанева бидејќи таа е избрана од Собранието, како и дека, за неа важел посебен закон.
Во однос на тоа дека ако се врати Русковска, ќе има двајца шефови, беше кажано дека во решението ќе стои дека во вакво случај, Пеливанов нема повеќе да ја извршува заменичката функција.
Пеливанов беше дел до тимот на Катица Јанева во Специјалното јавно обвинителство каде беше четири години, односно од 2015 до 2019 година.
Обвинителската кариера ја започнал во Основното јавно обвинителство во Скопје во 2009 година, каде бил до 2015 година.
Тој има стаж од 11 години. Во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција беше избран минатиот април, кога беше оценет со 25 поени за тоа како ја извршува својата работа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.
Македонија
Менаџер на продавница во Скопје украл 2,7 милиони денари, парите од дневниот промет си ги ставал во џеб
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице вработено во продавница во трговски центар во Скопје. Тој е осомничен дека украл 2,7 милиони денари, а според последните информации од истрагата, тој сè уште ги крие парите.
Осомничениот 35-годишник ја злоупотребил својата службена положба – менаџер на продавница во трговски центар во Чаир, како и дадената доверба и пристапот до касите и сефот, па во периодот од 18.12.2025 година до 04.02.2026 година, во повеќе наврати одземал парични средства што му биле доверени. Парите од дневниот промет не ги депонирал во сеф ниту ги предавал на овластено лице за собирање и транспорт на прометот. На овој начин осомничениот незаконски присвоил 2.783.867 денари и ја оштетил компанијата во која работел.
Бидејќи откако бил откриен тој веднаш бил отстранет од работното место, јавниот обвинител предложи и дополнителни мерки на претпазливост во текот на постапката – забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавува во судот и привремено одземање на пасошот.
Притоа, обвинителството го имаше предвид ризикот од бегство како и фактот дека осомничениот сè уште ги крие и не ги враќа противправно одземените пари на правното лице.
фото/Depositphotos
Македонија
Хоџа: Продолжува партнерството со Светска банка за системска борба против аерозагадувањето
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари работна средба со претставници на Светската банка, предводени од Карол Мегеванд, на која беше разговарано за досегашната соработка и можностите за нејзино понатамошно продлабочување во областа на управувањето со квалитетот на воздухот.
Од Министерството информираат дека на средбата било констатирано дека во моментов се имплементираат повеќе значајни проекти насочени кон подобрување на состојбата со аерозагадувањето, но дека останува потребата од дополнителни инвестиции.
Министерот Хоџа истакнал дека негова цел е системска промена во справувањето со аерозагадувањето, како клучен приоритет во неговата работа и во работата на Министерството. Тој нагласил дека долгорочните и одржливи решенија бараат силно партнерство со меѓународните институции и континуирана поддршка во спроведувањето на реформите.
Во таа насока, Хоџа изразил подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката со Светската банка, нагласувајќи дека отворената комуникација ќе продолжи и во иднина, со заедничка цел – подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на здравјето на граѓаните.
Министерот посочил дека Министерството и Владата континуирано работат на унапредување на квалитетот на воздухот преку Акцискиот план за чист воздух, Програмата за периодот 2024–2030, како и преку тековните проекти финансирани преку ИПА 2 и ИПА 3. Притоа, било истакнато дека останува потребата од дополнителни инвестиции и засилена техничка поддршка, за да се намали загадувањето и да се обезбеди чиста животна средина за сите граѓани.

