Македонија
Обвинителството за куќниот притвор на Груби: Се водиме исклучиво од законските основи
Јавното обвинителство како единствен и самостоен орган, при одлучувањето и предлагањето на мерките за обезбедување во сите случаи се води исклучиво од законските основи, велат од ЈОРМ.
„Во однос на реакциите на јавноста во врска определената мерка за обезбедување – куќен притвор за еден од осомничените во предметот „Државна лотарија“, обвинителството нагласува дека, согласно Законот за кривична постапка, мерката куќен притвор, особено кога се реализира со 24-часовен надзор, е исто така притворска мерка, која не се издржува во затворски услови само затоа што постојат специфични услови за тоа.
Таквите услови во конкретниот случај беа исполнети, бидејќи по проценка на надлежните органи – МВР и АНБ постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на овој осомничен. Деталите во однос на ваквите загрозувања беа презентирани пред судијата на претходна постапка.
За обвинителството од исклучителна важност е што овој осомничен е обезбеден и за него продолжува кривичниот прогон за сомненијата за сторено кривично дело – Проневера во службата од член 354 од Кривичниот законик. За него беше спроведена финансиска истрага и се обезбедени најголемиот дел од потребните докази, во кои одбраната веќе врши увид.
Надлежните јавни обвинители во предметот постапуваат одговорно и во согласност со законските надлежности. Јавното обвинителство го разбира интересот на јавноста за овој предмет, но апелира за воздржаност на коментарите во однос на легитимно донесените јавнообвинителски одлуки за да се овозможи ефикасна и правична постапка“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фондацијата „Заедно за едно“ донираше на кочанската болница 90 комплети ракавици за пасивна рехабилитација
Во насока на обезбедување соодветна медицинска и рехабилитациска поддршка за настраданите во пожарот во Кочани, Фондацијата „Заедно за едно“, основана од Македонската банкарска асоцијација, набави и испорача во ЈЗУ Општа болница Кочани 90 (деведесет) комплети S-Touch C1 ракавици за пасивна рехабилитација.
Секој комплет се состои од терапевтска ракавица, контролер и клон ракавица и претставува современо технолошко решение за спроведување на пасивни рехабилитациски третмани кај пациенти со нарушена моторика на горните екстремитети, како резултат на изгореници, повреди или невролошки состојби.
Со оваа донација значително се унапредуваат капацитетите на болницата за обезбедување континуирана и квалитетна рехабилитација, што е од особена важност во процесот на закрепнување на пациентите погодени од трагичниот настан.
„Остануваме посветени на обезбедување соодветни услови за лекување и рехабилитација и на континуирана поддршка на здравствените установи во справувањето со последиците од овој немил настан“, велат од Фондацијата.
Македонија
(Фото) Патот кон Теферич затворен за сообраќај, градоначалничката на Кисела Вода најави најбрзо техничко решение
Патот кон Теферич е затворен за сообраќај објави на социјалните мрежи градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.

„По денешниот повторен увид на терен со градоначалникот на Општина Сопиште, Јане Мицевски, и извршените стручни анализи, во координација со сите релевантни институции, донесена е одлука за итно затворање на овој патен правец. Ја информираме јавноста дека интензивно се работи на изнаоѓање на најбрзото и најбезбедното техничко решение за трајна санација на оштетувањето“.

Апелира до сите граѓани доследно да ја почитуваат поставената сигнализација и да ги користат алтернативните патни правци сè до целосно отстранување на дефектот.

„Посветени сме на изнаоѓање на најбрзо и сигурно решение за враќање на патот во нормална функција. Безбедноста на граѓаните е наш врвен приоритет“, напиша таа.
Претходно граѓани алармираа дека повторно се оштетил патот кон Теферич, само пет месеци по неговото реновирање.
Македонија
Беким Сали во работна посета на Украина: „Изразена солидарноста и поддршката кон украинскиот народ“
Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, денес престојува во официјална работна посета на Киев, Украина, каде ќе оствари средби со високи претставници на украинските државни институции.
Во рамки на посетата, Сали учествуваше на комеморативна церемонија во чест на загинатите бранители на Украина, при што беше изразена солидарност и поддршка кон украинскиот народ.



За време на посетата, предвидена е билатерална средба со заменик-претседателот на Владата за европска и евроатлантска интеграција на Украина, Тарас Качка, на која ќе се разговара за напредокот во процесот на европска интеграција, спроведувањето на реформите и унапредувањето на соработката меѓу двете земји во пристапниот процес кон Европската Унија.
Во агендата е предвидена и средба со претседателката на Комитетот за интеграција на Украина во Европската Унија при Врховната рада, г-ѓа Ивана Климпуш-Цинцадзе, со фокус на парламентарната соработка и размената на искуства во пристапните преговори.
Сали ќе оствари средба и со врховниот муфтија на Украина и претседател на Духовната управа на муслиманите на Украина, Ахмед Тамим, на која ќе се разговара за меѓурелигискиот дијалог и улогата на верските заедници во промовирањето на мирот и општествената стабилност.
Посетата има за цел продлабочување на билатералната соработка и реафирмирање на поддршката на Македонија за суверенитетот, територијалниот интегритет и евроатлантската перспектива на Украина.

