Македонија
Јавното обвинителство издаде наредби за анализа на одземените компјутери и компјутерски податоци на Онкологија
Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи, врз основа на своите законски надлежности, интензивно преземаат дејства за испитување на наводите за евентуално сторени кривични дела поврзани со третманот на пациенти и работата на Клиниката за онкологија, велат од Обвинителството.
„Во континуитет се издаваат наредби и се обезбедуваат докази, кои треба да ја проверат вистинитоста на наводите изнесени во новинарските истражувања објавени во последните недели. Во тоа целосно соработуваат и помагаат и раководството на Клиниката за онкологија, но и друг лекарски и медицински персонал“, дополнуваат од Јавното обвинителство.
Јавното обвинителство ја уверува јавноста дека сите наводи ќе бидат до крај истражени, а сите евентуални сторители на кривични дела ќе бидат соодветно гонети. Целата постапка од првиот момент се води максимално транспарентно и со почитување на сите законски процедури.
„Во тој контекст ја известуваме јавноста дека соодветните наредби за анализа на одземените компјутери и компјутерски податоци при претресите се веќе издадени. Истражните органи вршат распити на сите лица што имаат сознанија за противправни дејства. Основното јавно обвинителство Скопје ќе формира тим од стручни лица, кои ќе ја анализираат медицинската документација за водење на пациентите и администрирање на терапијата. Министерството за внатрешни работи, како орган на откривање сторители на кривични дела, презема и други дејства, кои во моментот не може да се споделат со јавноста, но со директна цел – да се дојде до вистината и евентуалната кривична одговорност. Во истиот момент, кога за конкретно лице ќе бидат обезбедени доволно докази за основано сомнение дека сторило кривично дело, Обвинителството ќе ја информира јавноста. Во исто време, свесни за чувствителноста на оваа тема за огромен број засегнати граѓани, сепак апелираме на воздржаност од предвремено прејудицирање за текот на постапката и за одговорност на кое било лице. Ширењето непроверени информации и нарушувањето на пресумцијата на невиност може сериозно да ѝ наштети на постапката и да ги одврати сведоците да соработуваат“, дополнуваат преку соопштение од Јавното обвинителство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

