Македонија
Можно е да има истрага за надзорот на коридорите 8 и 10, Обвинителството не исклучува можност да отвори предмет
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ги следи обвинувањата за несоодветен избор на компанија која ќе врши надзор над изградбата на коридорите 8 и 10 и не ја исклучува можноста да направи предистрага. Засега ги следат информациите и изјавите поврзани со изборот на компанијата за надзор.
„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција не ја исклучува можноста во наредните денови откако ќе ги проучи изнесените информации во медиумите, да оформи предмет и да започне предистражна постапка со цел да се испита дали постојат елементи на кривично дело и доколку постојат кој е надлежен да постапува. Воедно, напомнуваме дека секој субјект што поседува информации или докази за сторено кривично дело, има обврска да пријави до надлежното обвинителство и да го достави доказниот материјал“, велат од Обвинителството за „Макфакс“.
Од таму нагласуваат дека Обвинителството е орган во чија надлежност е прогонот на сторителите на кривичните дела, додека надлежни за откривање на делата се други институции. Инструментот по допрен глас како еден од трите инструменти врз основа на кои Обвинителството може да отвори постапка, се користи во исклучителни случаи, односно кога доказите за постоење на кривично дело се очигледни, а претходно нема соодветна реакција од институциите во чија надлежност е откривање на кривичните дела.
За вршење надзор над изградбата на коридорите 8 и 10, Владата се обврза да плати 22,3 милиони евра на козорциумот предводен од италијанската компанија „ИРД инженеринг“ со објаснување дека надзорот ќе го вршат меѓународни експерти. Иако италијанската компанија е носител на конзорциумот, најголем дел од предвидените 22,3 милиони евра ќе бидат за домашните компании „Електра солушнс“ и „Евро консалтинг“ оти е предвидено тие да завршат најголем дел од работите. „Електра солушнс“ е компанија која произведувала долна облека, кусо време се занимавала со услуги поврзани со информатичка технологија и компјутери, а од лани како дејност пријавила други градежно-интеалатерски работи и никогаш досега не вршела надзор. Лиценцата за вршење надзор ја извадиле по распишување на огласот за коридорите, во рекордно кус рок.
За другата домашна компанија, пак, „Евро консалтинг“ опозицијата и некои од медиумите алармираа дека е сопственост на лице со криминално досие, Бранислав Димитриевиќ, уапсен во Хрватска во април 2021 година, врз основа на потерница од Интерпол. Неговиот син, Зоран Димитриевиќ, раководител во компанијата од 2021 година, го има и компанијата „Ептиса“ како лидер на тимот на француско-шпанскиот конзорциум, која исто така е дел компаниите кои ќе вршат надзор за коридорите.
Владата минатата недела на осми март го потпиша договорот и покрај предупредувањата во медиумите и острите критики од опозицијата. Првиот вицепремиер, Артан Груби кој е дел од владиниот тим за коридорите, по потпишувањето на договорот, замоли да не се лепат етикети на избраните компании и повика секој што има какви било информации и сомневања, да ги достави до Јавното обвинителство.
Спорните компании ќе вршат надзор над работата на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ кои за 1,3 милијарди евра треба да изградат четири автопатски делници од коридорите 8 и 10.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

