Македонија
Обвинителството предлага куќен притвор за напаѓачот на новинарската екипа на 24ТВ
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 67-годишно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – насилство.
„Пријавениот, на 14 ноември, со грубо навредување и грубо насилство ја загрозил сигурноста на снимател од новинарска екипа, додека кај присутните сведоци – новинар и возач на телевизиската екипа предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв. Осомничениот најпрвин упатил погрдни зборови и пцовки кон новинарската екипа која снимала прилог, а потоа и физички го нападнал снимателот, удирајќи го со лактот во вилицата и нанесувајќи му телесна повреда – набиеница“, информираат од Обвинителството.
Бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност осомничениот да се даде во бегство, како и особени околности врзани со начинот на извршување на делото кои укажуваат дека тој би можел да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка – куќен притвор.
Вчера, напаѓачот на новинарската екипа на ТВ 24 беше приведен, по пријава од снимателот Љубиша Игнатов, кого физички го нападна со боксови во скопската населба Пржино. Снимателот со новинарска екипа бил на терен пред куќата која била пријавена како престојувалиште на украинскиот бизнисмен Олександр Онишченко, за кој неодамна се дозна дека добил македонски пасош. Напаѓачот е сопственик на таа куќата.
Случајот предизвика бројни реакции и осуда од страна на новинарските друженија и институциите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
700 наместо 200 луѓе на концертот на Аца Лукас , СДСМ бара истрага и одговорност
СДСМ реагира поради приведувањето на српскиот пејач Аца Лукас, потенцирајќи дека на концертот имало преку 700 посетители во локал кој по закон не смее да прими ниту 200 лица. Според партијата, ова покажува дека и полицијата на Тошковски и општината на Митко Јанчев биле запознати со настанот, знаеле дека нема безбедносни услови за негово одржување, но не презеле ништо, дозволувајќи концертот да се случи, кој бил прекинат дури во текот на настанот.
Од СДСМ поставуваат повеќе прашања до надлежните: зошто настанот воопшто бил дозволен и биле пуштени 700 луѓе во ризик, зошто организаторите и сопственикот на локалот не се повикани на одговорност, дали дискотеката ги запазила сите прописи, и дали МВР не повторува ризични практики како во Кочани.
Според информации, полицијата го прекинала настанот дури после полноќ, во 00:10 часот, откако локалот со часови бил преполн.
СДСМ бара итна истрага и санкционирање на сите кои дозволиле да се одржи настанот, од МВР до организацијата, со повик до министерот Тошковски да излезе со одговорност.
Македонија
Владата ги отфрла тврдењата на опозицијата за наводна нетранспарентност околу ИПАРД
Владата категорично ги отфрла тврдењата на опозицијата за наводна нетранспарентност околу скандалот со ИПАРД програмата.
-Апсолутно го отфрлам ова тврдење дека се крие нешто во однос на таа постапка. Знаете дека сме максимално транспарентни, изјави на денешната прес-конференција портпаролката Марија Митева, одговарајќи на новинарски прашања.
Таа дополни дека очекува Министерството за земјоделство и сите надлежни институции, вклучително и судските органи кои постапуваат надвор од извршната власт, да ги дадат своите информации за состојбите.
Портпартолката на СДСМ Богданка Кузеска денеска на прес-конференција обвини дека „две недели по скандалот за ИПАРД, наместо да даде одговор на клучните прашања, министерот Цветан Трипуновски бега од одговорност, од вистината за суспензијата на парите а бега и од одговори“.
Средствата од ИПАРД 3 програмата (2021–2027) во Македонија се привремено суспендирани поради проблеми и сомнежи околу работењето на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, што предизвика прекин на исплатите како превентивна мерка за заштита на европските фондови.
Македонија
11.500 студенти веќе подигнале нови електронски уреди, Владата додели над 33.000 ваучери
Владата информира дека заклучно со вчерашниот ден се доделени вкупно 33.682 ваучери за студенти, секој во вредност од 15.300 денари. Од нив, веќе 11.500 студенти успешно го реализирале ваучерот и подигнале нов електронски уред.
-Овие бројки јасно покажуваат дека интересот е огромен, имплементацијата стабилна, а мерката создава вистински резултати, изјави портпаролката на Владата, Марија Митева на денешната прес-конференција.
Митева нагласи дека мерката е внимателно планирана и спроведена во соработка со ресорните министерства.
-Оваа мерка не е случајна ниту пак импровизирана. Прецизно и навремено испланирнаа од страна на генералниот секретеријат на Владата во блиска соработка со Министерството за дигитализација и Нинистерството за образование и наука. Оваа институционална координација ни овозможи брза организација на постапките, јасни критеируми за студентите, технички усогласен систем за доделување и реализација на ваучерите и висока транспарентност на процесот, појасни таа.
Според Владата, целта е намалување на дигиталната нееднаквост и поттикнување на дигиталната трансформација во образованието, а мерката ќе продолжи со следење на реализацијата кај овластените трговци и подготовка на нови политики насочени кон модернизација на образовниот систем.
-Владата покажа дека инвестициите во знаење технологија и млади се наш приоритет а исполнувањето на ова ветување е доказ дека државата функционира во служба на граѓаните. Ја намалуваме дигиталната нееднаквост и ја поттикуваме дигиталната трансофрмација, нагласи Митева.
Во врска со прашањето за исплатата на ДДВ на граѓаните или фирмите, дали Владата има пари за тоа, односно зошто доцни исплатата, Митева соопшти дека исплатата се одвива регуларно, а за сите недостатоци или потенцијален застој ќе информираат дополнително.

