Македонија
Обвинителството смета дека 11 милиони евра се доволна гаранција Мијалков да излезе од притвор
Обвинителството дало позитивно мислење за ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, да излезе од притвор од затворот во Шуто Оризари, бидејќи смета дека понудената гаранција е доволна за тој да не избега.
Мијалков е во истражниот затвор Скопје од 23 февруари, кога по неколкудневно мистериозно исчезнување се појави пред обвинителството да го подигне решението за притвор.
„Обвинителството, ценејќи ги околностите и имајќи ги предвид наводите во предлогот и дополненијата за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција, ценеше дека висината на понудената гаранција во доставените предлози, во вкупен износ од 10.871.170 евра е прифатлива за обезбедување присуство на обвинетиот до правосилноста на пресудата“, велат од Обвинителството.
Мијалков издржува мерка притвор за случајот „Трезор“. Таа мерка, согласно претходното решение на судот, е до правосилност на пресудата, но сега судот треба да одлучи дали ќе ја прифати гаранцијата.
Во изминатиов период додека е во притвор, за Мијалков беа донесени две пресуди кои не се на сила. За предметот „Таргет- Тврдина“, кој се однесува на незаконскато масовно прислушување, доби 12-годишна затворска казна, додека за случајот „Трезор“, кој се однесува на нелегална набавка на софтвер за следење на комуникации, судот му одреди 8 години затвор.
Против него се водат постапки и за други случаи. Ако гаранцијата биде прифатена, тоа значи дека Мијалков ќе излезе од притвор и ќе биде на слобода до правосилност на одлуките.
Инаку, засега се уште нема детали од Обвинителството за предистрагата поврзана со бегството на Мијалков, што се случи пред изрекувањето на пресудата за „Таргет- Тврдина“. Тогаш тој исчезна на 48 часа, по што самиот се појави и тврдеше дека бил болен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска: Изработивме нова Стратегија за образование, објавена е на јавен увид
Работна група составена од претставници на Министерството за образование и наука, Делегацијата на ЕУ, УНИЦЕФ, Светска банка, ГИЗ, УНДП, Бирото за развој на образованието, Центарот за развој на стручното образование, Државниот испитен центар, Државниот просветен инспекторат и граѓанскиот сектор изработи нова Стратегија за образование која ќе се применува од 2026 до 2032 година.
Пред да биде усвоена од Владата, ќе биде ставена на увид на јавноста преку владиниот ЕНЕР систем со цел да се даде можност за коментари и сугестии во насока на унапредување на содржината.
За ова денес информираше министерката за образование и наука, Весна Јаневска, пред почетокот на валидациската работилница за Стратегијата, изразувајќи благодарност до сите кои дадоа придонес во нејзината подготовка во изминатите шест месеци.
„Постигнавме широк консензус во кој правец ќе делуваме за развој на македонското образование во иднина и сметам дека отстапки не треба да има. Сакам да напоменам дека оваа стратегија не насочува кон целосно спротивна страна, напротив, таа е надополнување на досегашната, но се фокусира на предизвиците кои не беа надминати и на следење на новите глобални образовни трендови“, рече Јаневска.
Документот става акцент на развој на нова програма за предучилишно образование, инклузија во основното и средното образование, како и на инфраструктурата каде клучен момент е оптимизацијата на училишната мрежа и воведувањето на едносменска работа.
Јаневска информираше дека следува примена на нова концепција за гимназиско и за стручно образование, како и нов модел на државна матура. Во 2026 година започнува примената на новите формули за финансирање на основното и средното образование. Ќе се усвои нова законска регулатива во високото образование, а особено внимание ќе се посвети на развој на кадровските капацитети на МОН.
„Во првите две години, Стратегијата ќе биде насочена кон целите кои Македонија треба да ги исполни согласно Планот за раст на Западен Балкан усвоен од Европската унија. Како Влада ќе се погрижиме да ги обезбедиме сите средства неопходни за остварувањето на мерките, проектите и активностите насочени кон достигнување на индикаторите“, додаде министерката.
Потврди дека пошироката јавност ќе има можност да учествува во креирањето на најдобрата верзија на стратешкиот документ заедно со пропратните акциски планови, затоа што истиот од утре ќе биде објавен на ЕНЕР системот на Владата и достапен за коментари, сугестии, забелешки, пред конечното усвојување.
Македонија
Санкционирани 𝟣𝟥𝟦 непрописно паркирани возила на територија на општина Центар
ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 17.11. до 23.11.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 134 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, известува ПОЦ.
„За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ и СВР Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот“, соопштува ПОЦ.
Македонија
„По налог на Груевски Мицкоски ја враќа државата деценија назад“, велат од СДСМ
„Македонија повторно се наоѓа во изолација. Наместо држава што чекори напред, со јасна европска перспектива, денес гледаме изолирана земја додека целиот регионот напредува. Нема реформи во ниту една сфера, економијата тоне, странските инвеститори си заминуваат, власта сака повторно да го конторлира судството, целосно е заглавен европскиот пат на земјата“, велат од СДСМ.
„Власта вели „не е време за реформи“ и ја турка земјата во опасен правец. Тоа е истиот рецепт што Груевски го применуваше пред бегството во Будимпешта.
Наместо партнерство со нашите сојузници не се случува ништо, не сме во периметарот на ниту еден наш стратешки партнер.
Секојдневно станува сè поочигледно дека Никола Груевски од Будимпешта е вистинскиот центар на одлучување во ВМРО-ДПМНЕ.
Неговите пораки, ставови и директиви се копираат во изјавите но и во постапките на Мицкоски, Давкова и нивната Влада кои се само извршители.
СДСМ ќе се спротивстави на овие обиди Македонија повторно да биде заложник на Никола Груевски и на ретроградни политики кои нè оддалечуваат од демократскиот свет и од Европа“, соопшти СДСМ.

