Македонија
Обвинителството ја затвори истрагата за „Дрисла“, печката за согорување медицински отпад не загадува
Скопското Обвинителство ја затвори истрагата за депонијата „Дрисла“, која ја отвори по допрен глас за незаконито согорување медицински отпад и донесе резолуција дека нема место за јавнообвинителска интервенција во предметот. Било утврдено дека во 2018 и 2019 година дефектот на печката за согорување медицински отпад бил отстранет и дека извршеното тестирање покажало дека емисијата на загадувачки супстанции во воздухот не ги надминува граничните вредности. За разлика од минатата година, во 2017 година при вонреден инспекциски надзор од Државниот инспекторат за животна средина било констатирано дека просечните концентрации на емитуваните штетни гасови и прашина од работењето на инсинераторот на печката ги надминуваат граничните вредности.
„Врз основа на прибраните обемни податоци и релевантни докази, а особено од извршените тестирања и анализи, не произлезе дека од депонијата ‘Дрисла’, спротивно на прописите за заштита на животната средина, биле испуштани отровни или издувни гасови во поголемо количество, со кои би се предизвикало значително оштетување на квалитетот на воздухот и опасност за животот и здравјето на луѓето, како и уништување на животинскиот и растителниот свет. Со оглед на тоа, надлежниот јавен обвинител заклучи дека не постојат докази што упатуваат на сомнение дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност и донесе одлука дека нема место за јавнообвинителско постапување во предметот“, соопштија од Обвинителството.
Анализата на прибраните извештаи покажала дека при вонреден инспекциски надзор од Државниот инспекторат за животна средина на 1.12.2017 година било констатирано дека просечните концентрации на емитуваните CO, SO2 и прашина од работењето на инсинераторот на печката за спалување медицински отпад ги надминуваат граничните вредности. По ова, Инспекторатот донел решение со кое го ограничил работењето на инсинераторот на најмногу 8 часа во текот на еден работен ден и целосно го забранил работењето во деновите кога се надминати праговите за алармирање на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух во Скопје.
Правниот субјект бил задолжен да плати и глоба во износ од 8.500 евра. Во исто време депонијата била задолжена во рок од 90 дена да ги доведе емисиите на загадувачки супстанции во воздухот во дозволените граници.
По овој настан, во текот на 2018 година депонијата извршила набавка и инсталација на нови филтри и направила измени на инсинераторот за медицински отпад, а при извршените контроли од Инспекторатот било констатирано дека емисијата на загадувачки супстанции во воздухот не ги надминува граничните вредности.
На 22.1.2019 година депонијата ги известила Државниот инспекторат за животна средина и Министерството за животна средина и просторно планирање дека печката за согорување медицински и друг вид опасен отпад е ставена надвор од употреба поради дефект и физички оштетувања на филтерот за прочистување издувни гасови. Дефектот бил отстранет во февруари 2019 година, а извршеното тестирање покажало дека емисијата на загадувачки супстанции во воздухот не ги надминува граничните вредности по што печката повторно била ставена во употреба.
Во меѓувреме, медицинскиот отпад се собирал и складирал во депонијата, но не се согорувал.
Во периодот од 22.11.2018 до 7.3.2019 година Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство поставил мерен инструмент AIRPOINTER-Recordum во кругот на депонијата „Дрисла“ со цел да мери и собира податоци за квалитетот на воздухот во близина на печката каде што се согорува медицински отпад.
„Од извештајот од мерењата се констатира дека во најголем дел резултатите од мерењето се во дозволените граници, а во периодите кога има надминување тоа е со краток максимум од 70-80 микрограма на метар кубен што е во рамките на европскиот просек за урбани средини“, соопштија од Обвинителството.
Јавниот обвинител ги обезбедил и резултатите од извршените мерења и анализи на технолошката вода и на водата за пиење во депонијата „Дрисла“, извршени од ЈЗУ Центар за јавно здравје, кои, како што наведува Обвинителството, исто така се во рамките на законските и стручните прописи во однос на испитаните параметри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Промовирани првите акредитирани учебници по психијатрија
Амфитеатарот на Медицинскиот факултет во Скопје денеска беше полн – претставници од Министерството за здравство, деканот и продеканите на Медицинскиот факултет, раководители на катедри, голем број професори, доктори, специјализанти и претставници на студентски организации присуствуваа на свечената промоција на првите акредитирани учебници по психијатрија, со што се испиша историја во македонската психијатрија.
Уредници на првиот акредитиран учебник „Психијатрија“ се проф. д-р Славица Арсова Хаџи-Анѓелковска, проф. д-р Антони Новотни и проф. д-р Димитар Боневски. Тие се и автори на учебникот „Медицинска психологија и социологија“, заедно со Андромахи Наумовска, виш научен соработник.
Промоцијата на двата учебника ја отвори деканот на Медицинскиот факултет, проф. д-р Светозар Антовиќ, кој рече дека учебниците ќе остават траен белег во наставата по психијатрија и ќе претставува значаен чекор напред во развојот на психијатриската наука во Македонија.
„Ова е историски момент, затоа што се темели на основите поставени од нашите професори од почетоците на психијатријата во Македонија. Ова се први учебници што се акредитирани и имаат академско, научно и практично значење“, рече Арсова Хаџи-Анѓелковска, директорка на Клиниката за психијатрија и автор на учебниците.
„Информации има насекаде, често расфрлани, без контекст, без тежина, без проверка. Учебникот е нешто сосема друго – тоа е знаење, со вткаено искуство, структура, логика, клиничко размислување, сомнежи, одговори, приоритети – тоа е учебникот што се обидувавме да го направиме и се надевам така ќе го доживеат нашите колеги“, рече во своето обраќање проф. д-р Антони Новотни.
Во однос на учебникот по „Медицинска психологија и социологија“, авторите кажаа дека станува збор за издание кое треба да го прочита секој доктор, бидејќи станува збор за водич за целосно разбирање на пациентите – како личност со своја историја, ставови, надежи и ресурси и дека тука лежи суштината на медицинската психологија – во спојот меѓу науката и човечноста.
Во знак на благодарност за минатиот труд и придонес во развојот на катедрата и наставата, директорката на Универзитетската клиника за психијатрија, Славица Арсова им додели благодарници на професорите во пензија од Универзитетската клиника за психијатрија и на рецензентите, за значаен придонес во развојот и унапредувањето на психијатријата.
Со издавањето на новите учебници, заокружени со денешниот настан, македонската психијатрија добива институционална зрелост – формализирана, акредитирана и систематизирана во сопствено академско издание.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на „Стоп за Усје“
Претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, прими претставници на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, кои ги образложија нивните ставови врзани за влијанието на цементарницата Усје врз квалитетот на воздухот и здравјето на луѓето.
Истакнувајќи ги своите барања, тие укажаа на потребата од воспоставување мерни станици со 24/7 мерење на загадувачките супстанци, целосна транспарентност на добиените податоци, како и усогласување со препораките на Светската здравствена организација за граничните вредности на ПМ10 честичките.
Претставниците на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ споделија компаративни примери од други држави каде што пропишаните параметри се пониски од македонските.
Според нив, наместо да се ангажираат приватни акредитирани лаборатории за независни мерења, треба час поскоро да се забрза процесот на акредитација на државната лабораторија.
За нив, неопходна е поголема институционална поддршка и очекуваат надлежните, доследно, транспарентно и неодложно да ги извршуваат законските обврски во интерес на заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните.
Претседателката, пред сè како граѓанка, ја сподели загриженоста за загадувањето на воздухот, почвата и водите, како едно од најгорливите прашања.
Сиљановска-Давкова ги сослуша аргументите и истакна дека со внимание ги следи нивните активности насочени кон поздрава и побезбедна животна средина, како врвен национален приоритет.
Таа потсети дека не случајно го именувала за член на Советот за безбедност, професор и научник од областа на метеорологијата и климатските промени, д-р Спиридонов.
Соговорниците се согласија дека животната средина е заедничка одговорност и стратешка определба, оти е неопходен континуиран дијалог меѓу граѓанските организации, институциите и стопанските субјекти заради креирање одржливи и долгорочни решенија, како и дека Собранието треба, согласно Деловникот, да ги отвори портите за нив во расправата за законите од областа на животната средина и вршењето на надзорната функција.
Македонија
Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката за техничка исправка на ДУП за дел од локалитетот Буњаковец 1
Советот на Општина Центар на денешната седница не ја изгласа одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“.
Сите 23 советници гласаа против донесувањето на предлог-одлуката.
,,Ние, како администрација, имаме обврска точката да ја ставиме на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пи-ар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации“, рече градоначалникот на Општина Центар. Горан Герасимовски
Претходно, Комисијата за урбанизам на Општина Центар даде позитивно мислење за предлог-одлуката.
Од оптината појаснуваат дека согласно законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, како што додаваат, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.

