Македонија
Обвинителство чешла документи, Армијата мери токсини по пожарот во Трубарево, се чека и на резултатите од министерството на Меџити
Во врска со големиот пожар што зафати магацински објекти во селото Трубарево, Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека презеле дејствија за утврдување на фактите и обезбедување на докази за понатамошната постапка.
Јавниот обвинител упати барање до Началникот на Генералштабот на Армијата за ангажирање на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана. Припадниците на единицата со специјални инструменти извршија мерења и детекција на хемиска и токсична контаминација на воздухот со гасови и честички кои се ослободуваат од пожарот.
Првичните резултати од мерењата веќе се доставени до обвинителството. Од Обвинителството образложија дека се работи за истите резултати кои синоќа ги презентираше министерот Панче Тошковски, и врз основа на кои на жителите од Трубарево им беше препорачано да го напуштат живеалиштето. Според овие резултати, во непосредна близина до 150 метри на центарот од огнот регистрирано е високо ниво на штетни супстанци и е високоризично. До 200 метри е средно ниво на опасност, а на оддалеченост до 400 е ниско ниво на опасност.
Покрај тоа, се очекуваат и резултати од надлежните служби при Министерството за животна средина, кои ќе дадат дополнителни податоци за степенот на загаденоста.
Обвинителството издаде наредби за прибирање на целокупната документација за работата на компанијата во чии магацини настана пожарот. Во наредниот период, откако ќе се обезбедат информации за видот на складираните материјали, ќе биде наредено и вештачење за да се утврди видот на контаминацијата и последиците врз животната средина.
Моментално, во опожарениот објект не постојат услови за увид на лице место поради опасноста, а полициските службеници и натаму го ограничуваат пристапот на сите неовластени лица и лица без соодветна заштитна опрема.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВЛЕН: Кривичниот законик повеќе не смее да служи како амнестија
„Биномот ДУИ-СДСМ го користеше европското знаме не за Европа, туку како крпа за да ги избрише трагите на Никола Груевски и да ја спаси кожата на Сашо Мијалков. Под маската на „хармонизација со ЕУ“, тие гласаа за измени во Кривичниот законик за кои денес гледаме како целото општество пати“, велат од „Влен“.
„Ова не беше закон за европски стандарди, туку понуда за амнестија за заробување на државата, потпишана од ДУИ во име на Албанците, но во интерес на Груевски, Мијалков и кликите што ги ограбија и Албанците и Северна Македонија. На оваа земја ѝ е потребна вистинска правда, а не закони прилагодени на каприците на политичарите кои се плашат од одговорност.
Изработката на новиот Кривичен законик бара длабинска анализа, професионално усогласување и вклучување на најдобрата правна експертиза, поради што ВЛЕН поддржува одговорен пристап заснован на европските принципи. Нашиот пристап е јасен: на земјата ѝ е потребен современ Кривичен законик, изграден врз принципот на еднаквост пред законот и со реален капацитет да обезбеди ефикасно казнување за корупција и злоупотреба на моќ.
ВЛЕН беше првиот што побара зголемена одговорност за корупција на високо ниво, преку уставен амандман. Нашиот приоритет е едноставен, кривичен систем што ги штити граѓаните и правдата, а не оние што со години го користеа законот за да се исчистат од скандали“, соопшти „Влен“.
Македонија
Несреќа на патот Градско – Велес, сообраќајот во прекин
АМСМ извести дека на регионалниот пат Градско – Велес се случила сообраќајна незгода.
Поради тоа од 09 часот и 50 минути сообраќај на патот е во прекин.
Македонија
Започна аплицирањето за електронски ваучери за студенти преку Националниот портал за е-услуги
Министерството за дигитална трансформација ја информира јавноста дека од денеска е отворен Јавниот повик за доделување на вредносни ваучери за студенти за набавка на електронски уреди, кој се спроведува преку Националниот портал за е-услуги – uslugi.gov.mk.
Сите студенти може да аплицираат најдоцна до 20 декември 2025 година, а реализацијата на ваучерите, односно подигањето на уредите, може да се изврши до 31 декември 2025 година.
Чекори за аплицирање за студенти кои се во евиденција на МОН (линк до услугата: https://uslugi.gov.mk/service-details.nspx?serviceId=5980)
- Студентот се најавува на uslugi.gov.mk и ја поднесува апликацијата за услугата „Јавен повик за доделување на вредносен ваучер за студенти за набавка на електронски уреди“.
- Во процесот на аплицирање не е потребно прикачување документи. По успешно поднесување, системот генерира документ – Вредносен ваучер.
- Со добиениот ваучер, документ за идентификација и потпишување на Изјава за искористен ваучер (во продажниот салон на економскиот оператор), студентот може да го подигне електронскиот уред од избраниот економски оператор, најдоцна до 31.12.2025 година.
Чекори за аплицирање за студенти кои НЕ се во евиденција на МОН
- Доколку при аплицирањето системот утврди дека студентот не е во евиденција на МОН, тој автоматски добива известување и линк кон посебната услуга:
„Јавен повик за доделување на вредносен ваучер за набавка на електронски уред за студенти кои не се во евиденција на МОН“, каде треба да продолжи со апликацијата до 20.12.2025 година. - Во овој случај, студентот е должен да прикачи потврда за редовен/вонреден студент, издадена од високобразовната установа во која е запишан.
- По успешно комплетирање на апликацијата, системот генерира Вредносен ваучер.
- Со ваучерот, документ за идентификација и потпишана Изјава за искористен ваучер, студентот може да го подигне електронскиот уред од избраниот економски оператор најдоцна до 31.12.2025 година.
Економски оператори за реализација на ваучерите:
Министерството за дигитална трансформација ги охрабрува сите студенти да аплицираат навремено и да ја искористат оваа можност преку Националниот портал за е-услуги.

