Македонија
Обединетата Македонска Дијаспора: Грција нема овластување да информира за престанокот на важење на пасошите во друга држава
Обединетата Македонска Дијаспора во писмо до претседателот, техничкиот премиер и министерот за надворешни работи, пишува дека Грција нема овластување да информира за престанокот на важење на пасошите во друга држава и ги повикува македонските институции да се воздржат од испраќање на какво било писмо или известување до земјите членки на ОН.
„Според воспоставените дипломатски протоколи во рамките на Обединетите нации, валидноста на пасошите на една нација на меѓународната сцена може да биде доведена во прашање или пасошот да се смета за неважечки само преку формално известување од страна на земјата (во случајот македонското МНР) а не од страна земји без разлика на билатерални договори. Поточно, единствено министерот за надворешни работи на Македонија може да испрати комуникација до сите земји-членки на ОН, со која ќе ги прогласи сите претходни верзии на нашите пасоши за неважечки од одреден датум. Ова е суверена работа која спаѓа во јурисдикција на владеењето на Македонија и не е предмет на надворешна власт или интервенција.
Сакаме да ги потсетиме сите засегнати страни дека билатералните договори, како што е Договорот од Преспа потпишан меѓу Грција и Македонија, не даваат никакво овластување на една нација еднострано да ги информира другите земји за статусот на патните документи на друга земја. Улогата на ОН е да бидат информирани за таквите договори, а не да спроведуваат промени врз земјите-членки без експлицитна согласност и акција на директно инволвираната нација.
Имајќи го предвид ова, го повикуваме Претседателот на Македонија, техничкиот Премиер на Македонија, а особено Министерот за Надворешни Работи на Македонија да се воздржат од испраќање на какво било писмо или известување до земјите членки на ОН во врска со неважење на претходно издадените македонски пасоши. Секое такво дејство не само што ќе го поткопа нашиот национален суверенитет, туку и потенцијално ќе им нанесе непријатности на граѓаните кои се потпираат на нивните тековни документи за меѓународно патување.
Понатаму, сметаме дека секој обид на Грција или која било друга нација да циркулира информации за неважење на нашите пасоши врз основа на билатерални договори или од која било друга причина е неприфатливо кршење на дипломатскиот бонтон и навреда на суверенитетот на Македонија. Ваквите дејствија, доколку се преземат, ќе се сметаат за директна навреда за нашата нација и нејзините граѓани, особено од дијаспората.
Ја повикуваме меѓународната заедница да ги почитува воспоставените протоколи и суверенитетот на нациите во управувањето со сопствените работи, особено во однос на прашањата толку чувствителни како валидноста на патните исправи. Обединетата Македонска Дијаспора е подготвена да ги брани правата и достоинството на нашата нација и нејзините граѓани од какви било дејствија што би ги поткопувале.
Го бараме вашето разбирање, поддршка и итно внимание за оваа работа, осигурувајќи дека се почитуваат принципите на меѓународното право и дипломатскиот протокол“, се вели во писмото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

