Македонија
Облачно време со врнежи од дожд, а на планините снег

Времето денеска ќе биде облачно со врнежи од дожд, а на планините на северозапад врнежи од снег.
На места врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 20 л/м2). Поради продор на постудена воздушна маса, врнежи од снег повремено ќе има и на некои повисоки места, особено во западните делови. Ќе дува слаб до умерен, а во источните делови повремено и засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 8, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени, јави УХМР.
Во Скопје, облачно со врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне 8 степени.
Од понеделник и во деновите потоа ќе преовладува претежно стабилно време, освен во крајните западни делови каде ќе има услови за повремени врнежи од дожд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муртезани: „Реформската агенда е мапа за трансформација, не декларација“

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска учествуваше на Првиот состанок на Националниот консултативен механизам за Реформската агенда, кој се одржа во Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, во коорганизација на Министерството за европски прашања и Институтот за европска политика (ЕПИ).
Во воведното обраќање, Муртезани рече дека овој состанок претставува нов начин на градење консензус за суштински реформи.
„Како што нагласив неодамна „Реформската агенда не е само технички документ, таа е мапа на трансформација, визија за иднината преточена во конкретни чекори, рокови и резултати, за чија реализација потребна е обединетост и вклученост и на државните институции и граѓанскиот сектор. Ние веќе сме во завршна фаза на дефинирање на националната структура која ќе работи на спроведување на РА, која на политичко и оперативно ниво ќе го координира целиот процес и ќе гарантира институционална кохерентност. Денес, нашата визија добива и своја структура преку овој Национален механизам кој ќе обезбеди транспарентно, инклузивно и евиденциски засновано следење на реформите. Преку овој механизам, всушност ја отвораме вратата за системски дијалог меѓу институциите, граѓаните, научната и бизнис заедницата.“
Порача дека состанокот треба да се искористи како поттик за нова етапа на дејствување.
„Да покажеме дека Северна Македонија, подготвувајќи се за полноправно членство во Унијата, се позиционира како проактивен чинител во регионот кој ги предводи реформите со интегритет, визија и зрелост. Посебна благодарност упатувам до Европската комисија и Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија за континуираната поддршка и партнерство“, рече тој.
Македонија
Акција за собирање кабаст отпад во општина Ѓорче Петров

Во рамки на тековната акција за отстранување на кабаст отпад и еколошки ризични материјали, од територијата на општина Ѓорче Петров собрани и безбедно транспортирани се над 130 метри кубни кабаст отпад и повеќе од 700 стари гуми.
„Отпадот е депониран на соодветна локација – депонијата Дрисла, во согласност со еколошките стандарди. Акцијата опфати повеќе локации, вклучувајќи јавни површини, улици, паркови и диви депонии. Целта е да се елиминираат изворите на загадување и да се унапреди квалитетот на животната средина за жителите на општината“, велат од Општината.
Општина Ѓорче Петров упатува благодарност до сите граѓани кои се вклучија во акцијата и ги повикува сите жители да продолжат со одговорно постапување кон отпадот и зачувување на јавниот простор.
Граѓаните се уште имаат можност да го одложат кабастиот отпад на означените локации. Акцијата трае до 21 мај.
Македонија
Општина Центар објави повик за изработка на мини мурали и графити поврзани со македонското писмо и јазик

Општина Центар ги поканува сите креативци, уметници и културни здруженија од територија на Центар да учествуваат во новиот јавен повик за изработка на мини мурали и графити на јавни простори. Овој повик е дел од Програмата за култура за 2025 година и има за цел да го разубави визуелниот изглед на општината и да го потенцира културниот и јазичниот идентитет.
Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека проектите на конкурсот треба да ја истакнат значајноста на македонското писмо и јазик или да бидат посветени на културните обележја и настани значајни на локално ниво.
„Преку проектот ‘Мини мурали и графити’ создаваме нови можности за локалните уметници и внесуваме боја и живот во урбаниот простор. Уметноста на јавните површини не само што го разубавува градот, туку носи и пораки кои ги сплотуваат граѓаните. Нашата цел е Центар да биде отворено платно за креативноста. Право на учество имаат поединци, регистрирани здруженија и правни субјекти со седиште во Општина Центар,“ вели Герасимовски.
Подносителите на пријава на јавниот повик може да предложат локација за изработка на муралот/графитот по сопствен избор. Доколку посочената локација претставува ѕид од фасада на станбена зграда, потребно е учесниците да приложат согласност од сопствениците на објектот.
Пријавата со комплетната документација треба да се достави во еден оригинален примерок, пополнета електронски, потпишана и заверена од одговорно лице на апликантот. Документацијата може да се поднесе по пошта на адреса: Општина Центар – Скопје, Сектор за јавни дејности / Одделение за култура, ул. „Михаил Цоков“ бр.1, 1000 Скопје, или лично во Архивата на Општина Центар (барака 6), секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот, со назнака: „Јавен повик за цртање на мурали и графити на јавен простор на подрачјето на Општина Центар“.
Поднесувањето на пријавите е отворено пет дена од денот на објавување на повикот на веб-страницата на Општина Центар (www.centar.gov.mk). Финансиската поддршка ќе се додели согласно квалитетот, обемот и оригиналноста на предлог проектите, во вкупен износ од 295.000 денари.