Македонија
Облачно време, со повремени врнежи од дожд и грмежи
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2018/11/skopje-esen-lugje-dozd-vrnezlivo-vreme.jpg)
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, на места нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за појава на ситен град, информираат од УХМР. Температурите ќе се движат од 12 до 22 Целзиусови степена.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а во делови од котлината нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за краткотрајно невреме, со температури до 20 Целзиусови степени.
Утре нè очекува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. На места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец, поизразен по должината на Повардарието и во источните делови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
Меџити на средба со пензионерите говореше за двете фази од покачувањето на пензиите: првата започнува од септември
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/izet-medziti-1.jpg)
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, заедно со министерот Фатмир Лимани, пратеникот Беким Сали и градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу се сретнаа со пензионерите за да ги информираат за зголемувањето на пензиите од 5.000. денари.
На средбата министерот Меџити говореше за двете фази од покачувањето на пензиите, за кои Владата одлучи на 28-и минатиот месец. Првата фаза од покачувањето на пензиите започнува од септември годинава, додека зголемувањето од +2.500 денари продолжува во март месец следната година.
Исто така, министерот Меџити им вети на пензионерите дека ова нема да биде се, Владата континуирано ќе се заложи да работи за доброто на граѓаните.
„За разлика од претходната Влада, оваа Влада ќе биде фокусирана на економијата бидејки основата за да се обезбеди развој и благосостојба на граѓаните е добра и стабилна економија“, рече министерот Меџити.
Подобрувањето на животниот стандард на пензионерите и не само, е приоритет на Владата. Ова беше важен чекор за благосостојбата на пензионерите и за поддршка на куповната моќ во економијата, се наведува во соопштението.
Македонија
Средба Филков – Коцевски: Во фокусот недостигот на човечки ресурси и унапредување на владеењето на правото
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/10-1.jpg)
Министерот за правда, Игор Филков, оствари средба со јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски, на која имаше дискусија за тековните активности на двете институции.
Обвинителот Коцевски ги презентира состојбите и предизвиците со кои се соочува Јавното обвинителство, особено во сферата на дигитализацијата, недостигот на човечки ресурси како од редот на обвинителите така и стручната служба, кои со години стојат непополнети.
Министерот Филков изрази подготвеност во рамките на своите надлежности да даде поддршка на активностите на Јавното обвинителство во перидот што претстои, со цел унапредување на владеењето на правото во државата.
Скопје
Кисела Вода станува паметна општина: почнува имплементацијата на проектот за паметно улично осветление
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/kisela-voda-svetlo.jpg)
Советот на Општина Кисела Вода ја поддржа одлуката за имплементација на физибилити-студијата за модернизација на јавното осветление во Кисела Вода. Оваа инсталација на паметни светилки на територијата на целата општина ќе овозможи паметно и штедливо управување со електричната енергија и сузбивање на досегашните чести проблеми со уличното осветление поради застарената и дотраена мрежа.
Целосната имплементација на проектот овозможува и бесплатни вај-фај зони на територијата на општина Кисела Вода, полначи за електрични автомобили, како и информативни дигитални дисплеи. Ова, потенцира градоначалникот Ѓорѓиевски, се крупни чекори што водат до зацртаната цел – Кисела Вода да стане целосно паметна општина, и тоа првата во Македонија.
„Денес, Советот на општина Кисела Вода ја донесе одлуката за имплементација на физибилити-студијата за модернизација на јавното осветление во Кисела Вода, која ќе донесе огромни придобивки за сите наши жители. Имено, се работи за инсталација на паметни светилки на територијата на целата општина со нова технологија, која има цел паметно и штедливо управување со електричната енергија. Дополнително, со ова заминуваат во историјата проблемите со уличното осветление бидејќи онаа стара, нефункционална и дотраена мрежа комплетно ќе биде променета. Ако се земе предвид дека уличната мрежа придонесува со огромен процент на сметките за електрична енергија, со оваа нова технологија, која набргу почнуваме да ја инсталираме, сметките значително ќе бидат намалени овозможувајќи значајни придобивки за нашите жители. Овој проект исто така, со неговото комплетно имплементирање, подразбира и бесплатни вај-фај зони на територијата на нашата општина, полначи за електрични автомобили, како и информативни дигитални дисплеи.
Во рамките на ова морам да нагласам дека претходно ги опремивме и сите училници и кабинети во основните училишта со смарт уреди, што даде огромен придонес во поквалитетно образование на нашите дечиња. Ваквите проекти не запираат, продолжуваме и понатаму сè до нашата зацртана цел – а тоа е Кисела Вода да стане целосно паметна општина, и тоа првата во Македонија“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.