Македонија
Облачно и студено, попладне дожд

Преку ноќта и утрово во поголем дел од земјава времето беше променливо облачно, а по котлините магливо и постудено. На повисоките места дува слаб ветер од променлив правец.Во текот на денот ќе биде променливо облачно, претпладне со подолги сончеви периоди и со магла по одделни котлини. Попладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а на планините од снег, повремено врнежите ќе имаат обилен карактер.
Во текот на ноќта врнежите ќе се прошират и во останатите делови но ќе имаат послаб карактер. Ќе дува умерен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со слаба магла претпладне. Преку денот ќе дува умерен ветер од југоисточен правец. Во вечерните часови и во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд. Максималната температура ќе достигне до 5 степени.
Во следните денови времето ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Врнежите ќе бидат со променлив интензитет, пообилни ќе бидат претежно во источните делови. Поради заладувањето во четврток врнежите на повисоките и на некои пониски места ќе преминат во снег. По одделни котлини ќе им ауслови за појава на магла.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Родителите на загинатите се пред МВР: И без душа и без дете, ние пеш дојдовме, сега нека излезе Тошковски место ние да влеземе

Родителите и роднините на загинатите во Кочани стигнаа пред Министерството за внатрешни работи. Решија да дојдат пред Министерството откога министерот Панче Тошковски ги известил дека ќе ги прими на средба. Измачени од маршот, кој почна пред три часа, тие застанаа пред Министерството.
„Кога ние можевме да дојдеме до тука, ако има храброст, нека излезе тој пред нас родителите. Ние толку голем пат поминавме до тука, нека излезе тој од почит кон нас родителите. Штом не знаеше со автомобилот да дојде пред Собранието, еве ние пеш дојдовме до тука и без душа, и без сила, и без дете. Сакаме да дојде тука пред нас“, рече една од мајките на загинатите и седна на асфалтот пред МВР.
Друга мајка предложи да влезат и да разговараат со министерот сами, како што направија во Обвинителството, но повеќето рекоа дека се исцрпени и чекаат министерот да покаже почит.
Пред Собранието пред родителите на загинатите излегоа лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, и неколкумина негови сопартијци пратеници, како и пратеници од партијата Левица. Кога Филипче им објасни дека институционално во Собранието се борат за неселективна правда, родителите на загинатите им рекоа да си депонираат оставки од функциите кај претседателот на Собранието оти нивната борба личи на борба во себе. Ги потсетија пратениците на СДСМ дека се многу поборбени кога се борат за да дојдат на власт, па прават шарени и какви ли уште не револуции.
Македонија
Обвинителите се сретнаа со семејствата на загинатите во пожарот во „Пулс“

Јавниот обвинител и тимот обвинители што постапуваат во предметот за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ денеска се сретнаа со семејствата на жртвите oд трагедијата.
Од Обвинителството, по средбата, соопштија дека семејствата биле информирани за досегашниот тек на истражната постапка.
„Одговарајќи на сите поставени прашања и дилеми на блиските на починатите, обвинителите ги уверија дека истрагата е сеопфатна и се земаат предвид сите аспекти на евентуална одговорност за трагичниот настан“, велат од Обвинителството.
На семејствата им била најавена и динамиката на претстојните распити на оштетените како следна фаза од истражниот процес.
Македонија
Тошковски ќе се сретне со семејствата на загинатите во Кочани, Мицевски вели: Нема простор за политичко профитерство

Денес, на 46-тата собраниска седница, на која се расправаше за интерпелацијата за министерот Панче Тошковски, од собраниската говорница се обрати и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
„Побарав процедурално бидејќи сакав накусо да се обратам до сите пратеници, но и до целата македонска јавност. Нема да ги дозволиме политичките профитери од опозицијата да ја злоупотребат, вулгализираат и да ја пренесат на улица трагедијата од Кочани и да си поигруваат со тажната судбина на овие луѓе“, изјави Мицевски.
Тој истакна и дека единственото решение е институционално и брзо решавање на случајот и ја информира јавноста дека денес министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе ги прими семејствата на загинатите од трагедијата во Кочани.
„Единственото решение е институционално и брзо решавање на овој случај. За тоа работиме, за тоа се залагаме. Сè друго е политичко некрофилство. Имено, ја информирам јавноста и вас пратениците дека министерот за внатрешни Панче Тошковски во 14.30 часот во Министерството ќе ги прими и ќе оствари средба со семејствата на загинатите од трагедијата во Кочани. Од овие причини барам 1 час пауза. А потоа ќе продолжиме со работа по интерпелацијата за која очигледно не ви е гајле бидејќи тој што ја поднесе прв замина и не е присутен на оваа пленарна седница“, прецизира Мицевски.