Македонија
Облачно со повремени врнежи од дожд
Денеска се очекува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, особено попладне и во текот на ноќта кои наместа ќе бидат пообилни (над 30 л/м2). Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 11, а максималната ќе достигне од 10 до 15 степени.
Во Скопје претпладне ќе биде облачно, попладне и во текот на ноќта со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Од понеделник ќе има заладување што ќе услови врнежите да преминуваат во снег, а во попладневните и вечерните часови се очекуваат слаби врнежи од снег и во некои пониски места, особено во северните делови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во организација на Архитектонскиот факултет при УКИМ ќе се одржи меѓународна научна конференција „Градска Улица 6“
Во организација на Архитектонскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – во среда на 25 септември 2024 година со почеток во 9 часот ќе се одржи 6 – та Меѓународна научна конференција – „Градска Улица 6“ и ќе трае до петок – 27 септември 2024 година.
Научната конференција свечано ќе ја отвори Деканот на Архитектонскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а на неа ќе земат учество повеќе од 50 предавачи, истражувачи, архитекти, урбанисти и професори. На конференцијата како главни поканети говорници ќе настапат реномирани професори од Универзитетот во Харвард, САД, Техничкиот универзитет во Делфт, Холандија, Лунд Универзитетот во Шведска, како и претставници од индустријата од Милано, Италија.
Конференцијата има за цел да ја нагласи улогата на архитектурата во создавање на дополнителни вредности, значења и квалитети на улицата како урбан и социјален феномен, засновани на потребите на заедницата кои ја надминуваат материјалната и комуналната инфраструктура, а се повеќе се однесуваат на социјалните, економските, општествените и идентитетските прашања и процеси. Конференцијата вклучува истражувачи, професори, архитекти, урбанисти, планери, уметници и креатори на политики кои ќе ги споделат своите знаења и искуства во правење на поинклузивни градски улици, но одржливи и убави.
Конференцијата ќе се одвива со програма во четири панели со четири конференциски нагласоци со различни теми од областа на архитектурата:
1. Улиците како инфраструктура на соживот;
2. Патоказ – како правилно треба да се направи улица;
3. Дизајнирање на улици за ефективно реагирање во итни случаи;
4. Улиците како место за јавно дејствување.
На секој панел од Конференцијата, еминентни архитекти, урбанисти, истражувачи и професори од повеќе научни области, како и гости од земјата и странство, ќе дебатираат на различни теми со цел создавање на подобра иднина за градовите и заедниците низ целиот свет.
Во рамки на Конференцијата ќе биде отворена и изложба на фотографии од конкурсот насловен „Убавината е на улиците“ во среда 25-ти септември, 2024 година, во галеријата на Архитектонскиот факултет, УКИМ во Скопје со почеток во 18.00 часот.
Македонија
Средба Николоски-Сориано Ортиз: во фокусот, воспоставување на авиолинии меѓу Македонија и Шпанија
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска оствари работна средба со новоименуваниот амбасадор на Кралството Шпанија, Рафаел Сориано Ортиз.
На средбата, Николоски ги потврди добрите билатерални односи со Шпанија, нагласувајќи ја поддршката што ја овозможува Шпанија во процесoт на интергација на земјата во Европската Унија.
Посебен фокус на средбата се стави на можноста на воспоставување на нови авиолини меѓу двете земји, притоа Николоски го запозна амбасадорот Сориано Ортиз со условите од веќе објавениот јавен повик за финансиска поддршка за воведување на нови дестинации до/од Меѓународниот аеродром Скопје и Св. Апостол Павле во Охрид.
Исто така Николоски го информираше амбасадорот и за инвестиционата програма во делот на инфраструктурата.
Македонија е земја која нуди конкурентни услови за инвестирање, потенцираше министерот Николоски, упатувајќи повик до заинтересирани компании од Шпанија да инвестираат во земјава. На средбата беа разменетии мислења и ставови и за актуелните политички и економски прашања во земјава и регионот.
Министерот изрази благодарност за досегашната соработка а двајцата соговорници се согласија за интензивирање на таквата соработка меѓу Македонија и Шпанија.
Македонија
Пет години странски јазици се учат без учебници, четворица министри не успеаја да ги обезбедат
Петта по ред учебна година учениците од основните училишта учат странски јазици без учебници. Министерството за образование и оваа година не успеа да ги обезбеди, но новата министерка, Весна Јаневска, уверува дека ќе ги има за следната учебна година. Нејзиното ветување е исто како и ветувањата што ги даваа нејзините претходници Јетон Шаќири, кој раководеше со Министерството од јануари 2022 година до јуни 2024 година, Мила Царовска која беше министерка од јануари 2020 година до јануари 2022 година и Арбр Адеми кој беше на чело на Министерството за образование од јуни 2018 година до јануари 2020 година. Сите ветуваа учебници, меѓу другите, и за странски јазици, но учебници за учениците нема.
Наставниците по странски јазици соочени со старт на уште една учебна година без учебници велат дека се снаоѓаат за да им го предадат предвидениот материјал на учениците. Не сакаат да зборуваат јавно оти стравуваат за работните места, но се жалат дека некогаш се заглавуваат и цел час во диктирање на лекциите за учениците да имаат од што да учат.
Министерката Јаневска во неколку наврати досега изјави дека учебниците по странски јазици не се одобрени оти не биле квалитетни. „Макфакс“ побара конкретно објаснување од Министерството за образование зошто нема учебници по странски јазици. Кабинетот на министерката вината ја префрли на претходното раководство на Министерството за образование без да прецизира каков е проблемот во предложените учебници за странски јазици.
„Веќе петта година по ред недостасуваат учебници за странски јазици од прво до деветто (англиски од прво до деветто – прв странски јазик; француски, германски и руски од шесто до деветто – втор странски јазик, италијански за шесто – втор странски јазик). Претходното раководство во МОН ја поништило постапката за јавна набавка и таа одлука е во жалбена фаза која се уште трае, односно се чека одговор од Второстепена комисија. По завршување на истата, ќе биде повторно објавена и спроведена согласно законските прописи и целосно транспарентно“, велат од Кабинетот на министерката Јаневска за „Макфакс“.
Од таму не одговорија на конкретното прашање дали е можно учебниците да бидат набавени за второто полугодие, но наведоа дека сите учебници по странски јазици ќе бидат обезбедени за следната учебна година.
Ваквото ветување е небулоза за Вишиот просветен инспектор во пензија Ѓорѓи Илиевски. Не петта туку седма година по ред министрите за образование манипулираат со учениците, наставниците и родителите кога се работи за обезбедување на учебници за странските јазици, смета поранешниот инспектор Илиевски.
„Четворица министри даваат исти ветувања, а учебници нема. Образованието е на невидено дно. Повеќе од очигледно е дека министрите манипулираат и шпекулираат оти во прашање се седум, не пет години како што вели новата министерка. Оправдување за ненабавен учебник може да се случи за месец, два доцнење, но ние зборуваме за седум години. И новата министерка имаше доволно време ако не за почетокот на учебната година, тогаш за второто полугодие да ги обезбеди и овие учебници, но такви најави нема. Таа од старт зборува дека ќе ги обезбеди за следната учебна година. Очигледно е дека тендерите беа и останаа проблем во Министерството. Што правеа досега Националната комисија за учебници, Педагошката служба во Министерството, Бирото за развоја на образованието и сите досегашни министри што не успеаја да се усогласат за учебниците по странски јазици?“, вели поранешниот инспектор Илиевски за „Макфакс“.
Прирачник по странски јазици за наставници и за ученици е решение кога нема учебник, но и таков нема
Кога веќе знаеле дека и оваа година ќе нема учебници, Илиевски вели дека можеле да најдат привремено решение, како што досега било пракса со оние учебници кои од различни причини не можеле да им бидат на располагање на учениците.
„Министерката под итно треба да го задолжи Бирото за развој на образованието да подготви прирачник за странски јазици за учениците и за наставниците, кој би можеле да го користат до второто полугодие од оваа учебна година, време кое е доволно за да се обезбедат и учебниците“, рече поранешниот инспектор Илиевски.
Бирото за развој на образованието вината за немањето учебници по странски јазици посочува дека треба да се бара кај Педагошката служба во Министерството за образование, надлежна за спроведување на постапката за набавка на нови учебници.
„Во поглед на прашањето за учебниците, сметаме дека истите се важно дидактичко средство првенствено за учениците, како поддршка во процесот на совладување на еден странски јазик и дека учениците треба да имаат учебник, но тој не треба да биде единствениот ресурс во наставниот процес. Притоа истакнуваме дека, изборот на учебници, па и на оние по странските јазици е во надлежност на Педагошката служба при Министерството за образование и наука, која во законски утврдена процедура согласно Законот за учебници за основно и средно образование ја спроведува целата постапка за набавување на учебници“, велат од Бирото за развој на образованието.
Бирото за развој на образованието изработило нови наставни програми за странски јазици во 2021 година. Тие, како што објаснуваат, содржат и јасни стандарди за оценување, како и предлог-активности, кои наставниците можат да ги преземат од наставната програма, да ги модифицираат или да предвидат активности по свој избор, како и содржини за дискусија, соодветни на постигнатото јазично ниво.
„Бирото за развој на образованието како институција која ги изработува и на министерот му ги предлага наставните програми, согласно своите законски надлежности, спроведе обуки за новите наставни програми за странските јазици, со кои ги опфати сите наставници кои реализираат настава по странски јазик. Во текот на обуките беа дадени јасни и детални насоки како да се изработуваат планирањата на наставата и нејзината реализација, беа понудени примери за планирања од страна на советниците од Бирото, извори за користење дополнителни ресурси потребни при реализација на наставата, особено дигиталните ресурси, од видот на платформи, линкови и слично“, велат од Бирото за развоја на образованието за „Макфакс“.
Од Бирото уверуваат дека советодавната поддршка за наставниците од страна на нивните советници Бирото е континуирана. Изминатиов период успеале да направат и контроли за квалитетот на наставата.
„Спроведени се советодавни посети кај наставниците кои реализираат настава согласно новите наставни програми, со цел да се утврди квалитетот на наставата и притоа е констатирано дека најголемиот дел од наставниот кадар многу успешно ја реализира наставата по странски јазици, користејќи дополнителни материјали, дигитални содржини преку смарт уреди и слично“, објаснуваат од Бирото за развој на образованието.
Пензионираниот инспектор Илиевски вели дека од ваквата состојба во јавните училишта, ќаруваат приватните училишта за странски јазици оти сите кои можат да си дозволат ги запишуваат децата на курсеви по странски јазици.
(Продолжува)
Со овој текст, „Макфакс“ се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.