Македонија
Облачно со температура до 10 степени

Времето ќе биде претежно облачно, уште од ноќта најпрвин на северозападот, а потоа и претпладне во поголемиот дел од земјата со повремени врнежи од дожд и снег, а на повисоките места и на планините од снег. Ќе дува умерен северен ветер кој по должина на Повардарието ќе се засилува. Температурата преку денот ќе биде во интервал од 3 до 10 степени.
Во Скопје претпладне ќе врне повремен дожд. Попладне ќе има намалување на облачноста и слаб до умерен претежно северозападен ветер. Температурата ќе достигне до 7 степени.
Утре и в среда ќе биде студено и суво, а нови врнежи претежно од снег ќе има в четврток, кога ќе се задржи облачно и ќе почне да дува југоисточен ветер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Алиу презентира 12 закони за реформа на законската регулатива во здравството

Во организација на Министерството за здравство, денеска, во Клуб на пратеници се одржа јавна презентација на 12 закони од областа на здравството, на која заедно со стручната фела беа разгледани предлози, мислења и препораки во насока на унапредување на здравствениот систем.
„Овој процес го започнавме во рамки на Министерството со работни групи за измени и дополнувања на 12 законски решенија, кои директно се однесуваат на здравствениот систем. Само преку транспарентност и отворена дискусија можеме да дојдеме до најдобрите решенија. Целта е подобрена законска рамка која ќе биде гаранција за поквалитетни услуги, фер пристап и поголема сигурност за пациентите“, истакна министерот Алиу на презентацијата.
Станува збор за системско преосмислување на 12 закони во различни области – од евиденции, преку осигурување и лекови, до биомедицина и јавно здравје, во насока на нивно поврзување и функционирање како една целина.
„Со овие закони целиме кон здравствен систем што е стабилен, поврзан и предвидлив. Систем во кој секој податок, секоја постапка и секоја одлука ќе има место, логика и одговорност. Ги повикувам сите чинители активно да се вклучат во овие процеси за заедно да ја подобриме легислативата, а со тоа и состојбите во здравствениот систем“, истакна министерот Алиу.
Македонија
(Видео) Николоски: Јасно е дека Заев ги влече конците во СДСМ

Јасно е дека Заев ги влече конците и во време на претходниот претседател на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски и во време на актуелниот претседател на СДСМ, Венко Филипче. Што е најдобар доказ на она што го зборуваме постојано, а тоа е дека се во целосна координација и дека лидерот во сенка на СДСМ, е токму Зоран Заев, изјави Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, Заев и Филипче зборувале исто, или, оак, како што рече, можеби, исти човек од заедничкиот тим им ги пишува и говорите и статусите и на едниот и на другиот.
„Сепак, од она што го напиша се гледаат неколку работи. Прво, со тоа што кажа и што го кажува ќе мора да внимаваме да не ни ја повлече државата со себе во провалијата, затоа што јасно е дека она што го прочитавме е израз на паника и на страв. Втората работа, многу е јасно дека СДСМ, ваков СДСМ има само една цел, а тоа е да заштити одредени елити во рамки на самата политичка партија и ништо повеќе од тоа. И затоа е толку голем отпорот кон реформи во судство и обвинителство и тоа е последниот бастион, последната одбрана на неколку елити во СДСМ и овој СДСМ служи само на Зоран Заев и служи на ДУИ и на Али Ахмети, коишто гледаат своја повторна можност, повторна шанса во политиката. Човекот којшто ги нанесе најголемите национални порази на Македонија, најголемите национални предавства и во чиешто време криминалот цветаше и корупцијата царуваше во чие што време се случија најголемите корупциски афери, наеднаш се појавува во кампањата за да му покаже и на Венко Филипче и на цел СДСМ кој во суштина ја води партијата“, рече Николоски.
Според него, потребна е масовна референдумска излезност на овие избори за да се, како што рече, заврши работата уште на 19 октомври
„Мора да се стави една јасна линија и јасна граница од една страна, а од друга страна мора народот јасно да му се каже која е понудата на овие избори“, рече Николоски.
Македонија
Мегапарк од 300.000 квадрати покај Лепенец со ботаничка градина и картинг стаза ветија Ѓорѓиевски и Лукровски

Кандидатите за градоначалници на Скопје и на Карпош, Орце Ѓорѓиевски и Сотир Лукровски најавија дека запуштениот простор околу реката Лепенец по преземањето на власта, заеднички ќе го претворат во симбол на еколошка обнова и современо градско живеење. Ќе изградат мегапарк од 300.000 квадратни метри.
„Ќе го претвориме ова подрачје во современ, зелен простор, уреден по европски стандарди. Паркот ќе се простира по течението на реката Лепенец на потегот меѓу Бардовци, Злокуќани и Даме Груев и ќе опфаќа површина од над 300 илјади квадратни метри. Тој ќе биде првиот парк што ќе поврзува повеќе скопски општини и ќе биде наменет за сите граѓани на Скопје, не само за карпошани. Ќе создадеме нова урбана оаза за рекреација, спорт, семејни активности со што ќе му го вратиме животот на ова заборавено градско ткиво“, рече Ѓорѓиевски.
Освен тоа, планираат и зелени коридори по целата должина на течението на Лепенец со пешачки и велосипедски патеки кои ќе ги поврзуваат населбите, парковите, но и јавните институции.
Во визијата за зелено Скопје, планираат и низа капитални парковски проекти во секоја општина.
„Предвидуваме и мегапарк Вардариште што ќе ја претвори поранешната депонијата во европски пример за зелена рекултивација. Градска шума во Расадник во Кисела Вода, најголемиот зелен проект во урбаното подрачје, мегапарк долж булеварот Христијан Тодоровски Карпош, првиот зелен коридор од ваков обем во Бутел како и проектот скопски зелен архипелаг кој предвидува 50 нови маалски паркови низ сите делови од нашиот главен град“, најави Ѓорѓиевски и нагласи дека планираат обнова за современ изглед и на Градски парк и на парк-шумата Гази Баба.
За Карпош, Ѓорѓиевски кажа дека во план име доизградба на булеварот Љубљанска, довршување на клучката Момин поток и реконструкција на Загрепска.
Лукровски дополни дека во мегапаркот кај Лепенец се планира ботаничка градина која ќе има и едукативен карактер, картинг стаза со европски стандарди, терен за голф и многу други содржини.