Македонија
Објавени детали за начинот на кој двајца осомничени го запалиле автомобилот на сопругата на Шилегов, одреден им е притвор
Скопското Основно јавно обвинителство донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица на возраст од 24 и 22 години за кои постои основано сомнение дека сториле тешки дела против општата сигурност.
Станува збор за случајот во кој на 9 март годинава беше опожарен автомобилот на сопругата на поранешниот скопски градоначалник, Петре Шилегов, а пожарот се прошири уште на три возила.
Како што информираат од Обвинителството, со кривичната пријава за истиот настан било опфатено уште едно лице за кое надлежниот обвинител донел решение за отфрлање на пријавата бидејќи за него не се утврдени елементи на кривично дело.
„Двајцата осомничени соизвршители на 9 март со пожар предизвикале значителна опасност за животот или телото на луѓето. Првиот осомничен повикал такси-возило во Ѓорче Петров и влегол на совозачкото седиште носејќи со себе пластична туба со жолта течност. На таксистот му кажал да вози до улицата Козле, каде што во возилото се качил вториот осомничен. По пат двајцата се договарале за начинот на кој ќе го извршат кривичното дело. Од такси-возилото се симнале на булеварот Партизански одреди и продолжиле да се движат пеш.
Кога пристигнале на улицата Мексичка, двајцата осомничени со течноста полеале паркиран автомобил ‘aуди Q5’ и го запалиле. Пламенот се проширил, па освен автомобилот ‘aуди’, целосно изгорел и автомобил ‘фолксваген пасат’, а делумно биле зафатени и оштетени уште два други автомобилa и еден објект. Со тоа осомничените предизвикале поголема имотна штета“, се наведува во соопштението од Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување притвор за двајцата осомничени бидејќи постојат околности што упатуваат дека би можеле да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоците или да го повторат делото.
Судијата го прифатил предлогот и на осомничените им определил притвор во траење по 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

