Македонија
Објавен првиот Извештај од мониторингот на медиумското известување за Локалните избори 2021
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го изготви Првиот извештај од мониторингот на медиумското известување за Локалните избори во периодот пред почетокот на изборната кампања од 7 до 31 август 2021 година. Во извештајот е анализирана 24-часовната програма на првиот телевизиски програмски канал на Јавниот сервис – МРТ1 и на шест комерцијални телевизии на државно ниво кои имаат просечен неделен досег над 10% – ТВ 24 Вести, ТВ Алсат-М, ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Сител и ТВ Телма.
Резултатите од мониторингот покажаа дека во овој период не се констатирани прекршувања на одредбите од Изборниот законик.
Според Извештајот, во дневноинформативните емисии, медиумите најчесто ги обработувале актуелните теми низ вести (во низа) и низ извештаи, јасно структурирани и со проверливи извори на информации, но во ТВ-дневникот на одредени телевизии понекогаш се појавуваа и прилози реализирани низ нејасни, хибридни жанровски облици, спој од – информирање и обиди за резиме, за антиципација и за анализа на посложени општествени појави, при што, во некои од таквите случаи немаше ни јасно одвојување на партиските од професионалните редакциски гледишта, велат од агенцијата.
„За тековните активности околу изборниот процес, медиумите главно известуваа во професионално структурирани информативни жанрови, но сепак, не изостанаа и секојдневните прилози што го проследуваат ривалитетот меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. Притоа, забележлива е и практиката да се ‘цитираат’ искази од социјалните мрежи, кои сами по себе често се или нерелевантни или непроверливи, ни во информативна ни во фактографска смисла, посебно со оглед на тоа што се издвоени од нечија адреса со интернет-прекар/псевдоним. Единствено МРТ 1 и ТВ 24 Вести обезбедија известување на знаковен јазик за лицата со оштетен слух и на тој начин ја исполнија обврската од членот 75 став 1 од Изборниот законик“, стои во Извештајот.
Од Агенцијата додаваат дека ТВ Алфа, ТВ Сител и ТВ Канал 5, реализирале повеќетематски интервјуа со лидери/претставници на политички партии, аналитичари на изборниот процес, некои од независните кандидати за градоначалници на Скопје, во однос на амбициите за кандидатурата и за можните партиски афилијации. „Интервјуата главно беа реализирани во засебни актуелноинформативни целини, со исклучок на ТВ Сител, која интервјуата ги смести во рамките на централниот ТВ-дневник, па споредбено, оттаму и значителната, дури повеќечасовна разлика во минутажата посветена на локалните избори“, е потенцирано во првиот Извештај од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

