Македонија
Објавен прирачник за поттикнување меѓугенерациско разбирање преку планинарење во природа
Граѓанската организација Еко Логик го објави својот нов Прирачник за поттикнување меѓугенерациско разбирање преку планинарење во природа. Овој прирачник е уникатен и е наменет за сите кои сакаат да ги поврзат генерациите преку заеднички активности на отворено, учејќи и истражувајќи ја природата.
Покрај Прирачникот ќе следат и 8 интерактивни игри за различни возрасти, преку кои учесниците можат да учат за природата, дендрологијата, биодиверзитетот и многу повеќе. Овие игри се дизајнирани да бидат едукативни, забавни и лесно прилагодливи за различни групи, од деца до стари.
За кого е наменет прирачникот?
– Планинарски друштва
– Извиднички одреди
– Спортски клубови
– Семејства и групи од сите возрасти
Прирачникот е бесплатен и достапен за сите заинтересирани. Можете да го преземете на следниот ЛИНК.
Природaта е најдобриот учител, а овој прирачник може да биде сечиј водич за да се искористат неговите лекции за создавање трајни врски и спомени меѓу генерациите.
Проектот е финансиран од ЕУ, преку програмата Еразмус+
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претпладне појава на слаба магла, во текот на денот сончево и тивко
Во утринските часови ќе има појава на магла по котлините. Во текот на денот ќе биде претежно сончево и тивко, освен во југоисточните делови каде ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на слаба магла. Во текот на денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на неделата нашата држава ќе биде под влијание на висок воздушен притисок кој ќе услови стабилно и релативно топло време. По одделни котлини во претпладневните и ноќните часови ќе има појава на магла.
Македонија
Сообраќајот на ГП „Богородица“ е нормализиран
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ (ГП Евзони) од 21 часот е нормализиран, информира АМСМ.
Поради блокада на границата за влез и за излез во текот на целиот ден, колони возила чекаа на граничниот премин „Дојран“ за влез во земјава. Претходно од АМСМ информираа дека од 11:00 часот сообраќајот на ГП „Евзони“ (Богородица) е блокиран за влез и излез поради штрајк на земјоделците.

На ГП „Дојран“ сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет има задржувања за влез во државата.
Македонија
Алијанса за Албанците на 27 декември ќе одржи собрание за реогранизација на партијата
На последниот состанок на Претседателството на Алијансата за Албанците, каде што се дискутираше за политичките случувања во земјата и понатамошните чекори кон структурирање на органите, членовите на Претседателството едногласно гласаа за одлуката за свикување на партиското Собрание, соопштија од партијата.
Според најавата, Собранието ќе се одржи на 27 декември и ќе се дискутира за реорганизација на структурите и органите на партијата, партиските политики и важните стратешки документи.
„Алијансата за Албанците продолжува да останува во одбрана на националната кауза, гласот на артикулирање на уставните и законските права на Албанците и зачувување на евроатлантската ориентација на земјата како единствен пат за перспективата на граѓаните“, пишува во соопштението.

