Македонија
Објавен списокот на домаќинства кои ќе добијат субвенција за електрична енергија
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека е завршена постапката за обработка, евалуација и верификација на сите пристигнати пријави за финансиска поддршка преку Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година. По деталните проверки спроведени од комисиите и вкрстувањето на податоците со надлежните институции, јавно e објавен списокот на сите лица и домаќинства кои се стекнаа со право на субвенција.
Решенија за финансиска поддршка се донесени за следните категории: домаќинства со едно или повеќе лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, домаќинства со едно или повеќе лица со најтешка телесна попреченост, домаќинства со едно или повеќе потполно слепи лица и домаќинства со едно или повеќе потполлно глуви лица.
Комисиите ја завршија постапката на увид и проверка во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади, Управата за јавни приходи и ЕВН Македонија. Согласно резултатите, утврдени се корисниците кои ги исполнуваат критериумите предвидени со Програмата, при што субвенцијата ќе се пресметува како месечно намалување на сметката за електрична енергија во износ од 1.000 денари, во траење од 12 месеци сметано од денот на поднесување на барањето.
Објавениот список е достапен на веб-страницата на Министерството за енергетика (www.energy.gov.mk). https://energy.gov.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/javni-oglasi/za-potrosuvacka-na-energija
Од Mинистерството потсетуваат дека неплаќање на две последователни сметки за електрична енергија доведува до укинување на решението за финансиска поддршка, согласно правилата на Програмата.
„Финансиската поддршка се распределува според принципот најниски приходи и согласно определените буџетски средства. Програмата за 2025 година, која обезбедува вкупно 42.300.000 денари државна поддршка, има за цел да обезбеди достапна и сигурна енергија за домаќинствата кои се соочуваат со енергетска сиромаштија, со особен фокус на лицата со попреченост и корисниците на гарантирана минимална помош. Дополнително, мерките опфаќаат и ослободување од трошоци за повторно приклучување, приоритетно отстранување на дефекти и заштита од исклучување во зимскиот период“, соопшти Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

