Македонија
Објавен јавен повик за избор на стручни лица во Фондот за иновации и технолошки развој

Фонд за иновации и технолошки развој објави јавен повик за избор на стручни лица за оценување предлог-проекти во рамки на Столб 3 од Планот за економски раст на Влада на Република Македонија.
„Вклучувањето на стручните лица во оценувањето на пристигнатите предлог-проекти е со цел обезбедување транспарентност и стручност во самиот процес на евалуација и претставува новина во однос на работењето на службите на јавната администрација.
Стручните лица ќе бидат ангажирани на професионална основа, со точно одредени услови, рокови за исполнување на зададените задолженија, како и право на финансиска надомест преку потпишување договор за соработка со Фондот“, се вели во соопштението.
Избраните стручни лица ќе оценуваат предлог-проекти од новоосновани компании (старт-ап), микро, мали и средни претпријатија, во согласност со правилниците за сите инструменти за финансиска поддршка што ги спроведува оваа институција, а нивните имиња ќе бидат внесени во Регистар на стручни лица и ќе бидат јавно достапни на интернет страницата на ова владино тело.
Заинтерерисраните кандидати можат да аплицираат за една или повеќе од наведените 20 различни области, како што се: автомобилска индустрија, биохемија, ветерина, градежништво, енергетика и енергенси, информациски технологии итн. Меѓудругото апликантите треба да поседуваат најмалку седум години работно искуство во областа, да имаат завршено високо образование и добро да го владеат англискиот јазик. Рокот за аплицирање на јавниот повик за избор на стручни лица трае до 2 јуни, до 23:59 часот.
Повеќе детали во врска со јавниот повик за избор на стручни лица од страна на Фонд за иновации и технолошки развој ќе најдете на интернет страницата: www.fitr.mk.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Андоновски: Македонија станува лидер во електронските услуги во Западен Балкан

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски се обрати на Регионалниот развоен форум во организација на Интернационалната телекомуникациска унија (ИТУ), кој овие денови се одржува во Будимпешта, Република Унгарија.
На сесијата посветена на состојбата на дигиталниот развој, предизвиците и можностите на новите трендови, Андоновски истакна дека во Македонија дигиталната индустрија придонесува со над 5% во БДП, и дека оваа бројка оди во нагорна линија.
„Нашата цел е да го забрзаме овој раст со инвестирање во вештачка интелигенција, сајбер безбедност и дигитална инфраструктура, осигурувајќи дека секој граѓанин има пристап до брзи, сигурни и безбедни дигитални услуги. Гледајќи напред кон 2025 година, нашата следна пресвртница е да ги прошириме дигиталните владини услуги и да развиеме иницијативи за паметни градови, системи за дигитален идентитет и автоматизација на ВИ. Ние не сакаме само да бидеме во чекор со дигиталната револуција – сакаме Македонија да стане лидер во дигиталното управување во Западен Балкан“, изјави министерот Андоновски.
Андоновски додаде и дека дигитализацијата не се простира само во рамки на државните граници, и затоа Македонија е посветена на регионална соработка во делот на Дигиталната агенда за Западен Балкан и усогласувањето со дигиталните политики на ЕУ.
„Со споделување на најдобрите практики, усогласување на регулативите и инвестирање во прекугранична инфраструктура, можеме колективно да ја забрзаме дигиталната трансформација низ земјите од Југоисточна Европа.”
Тој надополни и дека дигиталната трансформација мора да се изгради на три столба.
„Дигиталната трансформација мора да се изгради на три столба: поврзаност, сајбер безбедност и инклузивност. Ако ги обезбедиме сите три, ќе создадеме поконкурентна, поиновативна и поподготвена Македонија за иднината” заврши Андоновски.
Македонија
Учество на министерот Муцунски на Високиот сегмент на Советот за човекови права на ОН

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес ќе престојува во Женева, каде, заедно со други шефови на влади, министри за надворешни работи и високи претставници, ќе учествува на Високиот сегмент на 58-та сесија на Советот за човекови права на Обединетите нации, каде ќе се дискутираат клучните предизвици во заштитата на човековите права ширум светот, со посебен акцент на сензитивните подрачја.
Во рамки на своето учество, министерот Муцунски ќе оствари билатерални средби со високи функционери на Обединетите нации, како и со шефови на делегации од други земји. Овие средби ќе бидат насочени кон унапредување на меѓународната соработка и зајакнување на позицијата на државата во глобалните процеси за заштита на човековите права.
Обраќањето може да се проследи во живо на следниов линк
Македонија
„Корупцијата во Министерството за животна средина се продлабочува, каква е улогата на шефот на кабинетот на Меџити“, прашува ДУИ

„ДУИ повторно го осудува тешкиот корупциски скандал во Министерството за животна средина, каде што по контролата на Државниот управен инспекторат е потврдено злоупотребата на службената должност од страна на министерот Изет Меџити и неговиот кабинет“, велат од ДУИ.
„Но, прашањето што останува без одговор е: Каква е улогата на шефот на кабинетот на Меџити во овој скандал?
Доверливи извори од Министерството за животна средина потврдуваат дека шефот на кабинетот на Меџити бил клучна фигура во шемата на уцени и мито, вршејќи притисок врз компании и граѓани за секоја административна услуга.
Од лиценци и еколошки дозволи до обични бирократски постапки, ништо не поминувало без негово одобрение и без коруптивните шеми водени од кабинетот на Меџити.
Истите овие луѓе биле вклучени во слични корупциски шеми и во Општина Чаир, претворајќи ја во урбанистички кошмар за граѓаните.
ДУИ бара истражните органи да ги прошират истрагите не само против Меџити, туку и против клучните личности во неговиот кабинет, вклучително и шефот на неговиот кабинет, кој со месеци води добро организиран систем на уцени и корупција во Министерството за животна средина.
Оваа Влада секојдневно тоне во скандали, докажувајќи ја својата неспособност и отворена корупција.
ДУИ ќе продолжи да ги разобличува сите случаи на злоупотреба на власта и да бара одговорност од сите што ја изневеруваат довербата на граѓаните“, соопшти ДУИ.