Македонија
„Оваа генерација има светла иднина, Скопје е избрано на светската мапа “ – Николоски на настанот на УМС
На денешниот настан организиран од страна на Унијата на млади сили и Меѓународната демократска унија, во изјава за медиуми потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски истакна дека овој настан е еден од најголемите настани организирани од Унијата на млади сили предводена од Сергеј Попов, како резултат на посветеноста, развојот и работата на Унијата.
„Би сакал да честитам, ова е најголемиот настан којшто Унијата на млади сили го има реализирано од своето основање, Меѓународната демократска унија е најголемото семејство на центар-десни, конзервативни и центар политички партии во светот, и со тоа нејзиниот подмладок е најголемиот политички подмладок којшто ги застапува овие идеи и овие политички визии. Со самото тоа, тоа што Скопје е одбрано на светската мапа и тоа што Унијата на млади сили е избрана од сите подмладоци да го организира овој настан, мислам дека многу говори за посветеноста на Унијата на млади сили, на тимот предводен од Сергеј Попов“, рече Николоски.
Николоски истакна дека овој настан е доказ дека Унијата на млади сили се развива, со посебно внимание од страна на државата во делот на образованието, поддршката на студентите, како и вработувањето на млади лица.
„Ова е најдобар доказ дека Унијата на млади сили се развива, нешто што е гордост за сите нас, секогаш најдобрите идеи и најдобрите кадри во ВМРО-ДПМНЕ произлегувале токму од Унијата на млади сили. Оваа генерација има светла иднина и дека партијата ќе црпи многу од овие луѓе коишто се сега во рамки на Унијата на млади сили. Европската народна партија е најголемо политичко семејство во Европа, низ еден дијалог ќе може Унијата на млади сили да презентира што правевме во изминатиот период и кои се нашите визии и планови за иднината. Посветуваме големо внимание, дали е тоа во делот на реформи во образованието, во делот на поддршка на студентите, вработување на младите лица, обучување и прифаќање на предизвикот за новите технологии кои што доаѓаат, навистина имаме еден широк спектар кадешто се бориме да помогнеме на младите луѓе“, вели Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

