Македонија
Одбележана петгодишнината од загинување на полициските припадници кај Диво Насеље
Денеска беа одбележувани пет години од трагичното загинување на осумте припадници на Министерството за внатрешни работи во трагичниот настан кај Диво Насеље кај Куманово. Во нивна чест, министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев денес присуствуваше на панихида која се одржа во црквата Св. Никола во Куманово.
„Најпрво сакам како министер за внатрешни работи и како граѓанин да изразам искрено сочувство до семејствата и најблиските на загинатите припадници кои на денешен ден пред пет години ги положија своите животи во одбрана на уставниот поредок, мирот и сигурноста на сите граѓани“, истакна Министерот Чулев по завршување на панихидата во Куманово.

Тој додаде дека несреќниот настан кој се случи во Куманово е без дилема еден страшен потсетник за реалноста од терористички закани и предизвици, за заедничката граѓанска осуда на таквото безумие, но уште повеќе за храброста и пожртвуваноста на припадниците на македонската полиција да го зачуваат нашиот мир и безбедноста нежалејќи ги своите животи.

Во рамки на одбележување на овој тажен ден за Министерството за внатрешни работи министерот Чулев положи и цвеќе на спомениците кои во нивна чест се подигнати во круговите на Единицата за брзо распоредување и Единицата за специјални задачи на чии редови припаѓаа овие полициски службеници.

„Нашето општество сите негови чинители мора и се должни да извлечат силна поука од настанот во Диво Насеље: слободата, животот и безбедноста се најскапоцени вредности што сите заедно мораме да ги чуваме и негуваме. На тоа не обрврзува жртвата на нашите колеги дадена во името на иднината на сите македонски граѓани. И таа жртва не смее и нема да биде заборавена. Нека им е вечна славата“, додаде Чулев во рамки на настанот.
Тој додаде дека институционалната поддршка на семејствата треба да се засилува и во иднина и како и до сега треба да излеземе во пресрет на сите нивни барања и потреби, заклучи тој.
И дополнителната заменик министерка Славјанка Петровска им оддаде почит на вечните почивалишта на загинатите херои кои загинаа пред пет години во Куманово.
„На овој ден, граѓаните на Европа го слават Денот на Европа, а ние со тага се присетуваме на 9 мај 2015 година, пред пет години кога загинаа осум припадници на Министерството за внатрешни работи: Љубиша Аранѓеловиќ Бобан Ивановиќ Горан Илијевски Жарко Кузмановски Исамедин Османи Сашо Самојловски Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ Нека им е вечна славата! И после пет години останува тагата за овие наши сограѓани, пријатели, колеги, роднини, зошто припадниците на Министерството за внатрешни работи ги загубија своите животи. Секоја неправда има име и презиме, и ова злосторство има име и презиме. Никогаш да не се повтори“, рече таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

