Македонија
(Видео) Спасовски: Нашиот патриотизам е безбеден европски дом и иднина за нашите млади
„Денеска одбележуваме и славиме голем ден, 9-ти Мај, Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа. Еден датум за два големи настани во историјата на Европа и на нашата земја Датум, впишан со златни букви во историјата на напредна Европа и на Европејците и датум за паметење на големото дело на борките и борците на партизанските единици од Народно ослободителната војна кои со двете заседанија на АСНОМ ја заокружија вековната борба и стремеж на македонскиот народ за своја самостојна држава.“ Со овие зборови, го започна своето обраќање премиерот Оливер Спасовски на свеченото одбележување на денешниот историски ден.
Потсетувајќи дека освен заедничката победа на прогресивните народи на Европа над фашизмот, денеска се одбележува значаен јубилеј – 70 години, од денот кога на 9-ти мај 1950 година, на предлог на францускиот министер за надворешни работи, Роберт Шуман, започна да се гради Европа, како опција за одржување на мирот.
„Седум години подоцна, шест европски земји ја основаа Европската економска заедница со Договорот од Рим и го отпочнаа процесот на европската интеграција, кој ќе биде крунисан со она што денеска претставува Европската Унија. Со идејата за Европската Унија лидерите на европските земји избраа дека сите разлики ќе ги решаваат на масата, а не на воените боишта“, нагласи премиерот Спасовски.
Осврнувајќи се на Втората светска војна на територијата на Македонија, која заврши со околу 25.000 загинати борци и цивилни жртви, нагласувајќи го заедништвото на сите етнички задници, припадничките и припадниците на партизанските единици на Народно-ослободителната борба, кои и за сметка на своите животи застанаа против фашистичките окупаторски сили, премиерот Спасовски рече:
„Македонската држава беше создадена како дом на слободата. Дом на изборот, дом на слободата на изразувањето и на слободната мислата. За сите нејзини граѓани без исклучок. Држава на сите и за сите. Дом каков што е денеска Европската Унија, како што е напредна и прогресивна Европа“, подвлече Спасовски.
Тој го истакна вистинскиот избор и на денешната генерација која, како што рече, со определбата за членство во семејството на најмоќниот воено-безбедносен сојуз, НАТО и со определбата да стане дел од најмоќната економска заедница, чекори кон посигурна, безбедна и просперитетна иднина за нашите млади и за сите наши идни генерации.
„Обединети и единствени во овој избор околу европските вредности, можеме да се соочиме со предизвиците на нашето време. Затоа во изминатите три години, после сите последни премрежија и искушенија, презедовме крупни, храбри чекори, да направиме од нашата држава европски дом за сите зашто Северна Македонија била и секогаш ќе биде Европа. Денеска, тоа е нашиот патриотизам“, рече премиерот Спасовски честитајќи го Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.
Упатувајќи честитки по повод 75-годишнината од Победата над фашизмот и Денот на Европа, претседателот на Сојузот на борците од НОАВМ и продолжувачите, Никола Стојановски оддаде признание на Владата на Република Северна Македонија за соработката и поддршката на Сојузот на борците, во овие како што рече, деликатни околности, кога европската и светската заедница се соочуваат со состојбата на пандемијата барајќи од сите, заедничка борба, солидарност и сојузништво.
„Произлезени како држава и нација низ вековната борба може да се согласиме дека ова се најтешки моменти после антифашистичката херојска борба, крунисана со АСНОМ-ските решенија, до конечната сојузничка победа на 9-ти мај 1945. По тој повод, ние, членовите на Сојузот на борците, учесници и продолжувачи на делото, симпатизери, членови на светската федерација на ветерани, на Антифашистичката федерација, ќе истакнеме, Да не се заборава историјата од вчера и денес, оти не чека нова. Утре“, истакна во своето обраќање Стојановски.
Тој подвлече дека одбележувањето на светлите датуми од Преродбата, од Илинден до Народноослободителната и антифашистичка борба, АСНОМ и победата, изградбата на државата, остануваат вечен завет.
По повод денешниот ден, Владина делегација составена од вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, предводена од премиерот, Оливер Спасовски, заедно со делегација на Сојузот на борците на Народно-ослободителната антифашистичка војна, положија венци пред Споменикот на ослободителите на Скопје во дворот на Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Сервисни информации
Преку денот сончево со мала до умерена облачност, утрото претежно ведро и наместа постудено
Времето денеска со претежно ведро и наместа постудено утро. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во планинските региони ќе има услови за краткотраен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 16 до 23 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Во сабота попладне ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Потоа следува период на стабилно и топло време.
Скопје
Без струја делови од општините Петровец, Ѓорче Петвов и Сарај
ЕВН Македонија АД известуваат дека без електрична енергија денеска ќе останат делови од општините Петровец, Ѓорче Петвов и Сарај.
– во периодот од 08.30 до 14.30 часот, корисниците од с. Кожле, Тунел Катланово, с.Бадар (општина Петровец)
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од дел од ул. 52 кон обиколница во Стопански Двор ( општина Ѓорче Петвов )
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, дел од корисниците во Сарај кај општината (општина Сарај)
Македонија
Сајкоски: Вчера докажавме дека Македонија не толерира некој да ја тероризира– граѓаните во нас препознаа луѓе кои ќе донесат правда во државата
„Вчера докажавме дека само заеднички, единствени како никогаш досега можеме да успееме. Можеме да успееме заеднички и да прегазиме секој противник, секој оној којшто прави штета на нашата држава и затоа ќе го снајде она што го снајде овој наш противник вчера. Ќе го снајде истото и на 8 мај. Голема победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Mакедонија“, голема победа на македонските граѓани и македонскиот народ. Почитувани кичевчани вие го покажавте револуционерниот дух. Тој никогаш не згаснал во вас. Покажавме дека можеме и дека ќе направиме се, дека имаме храброст, дека имаме елан да се спротивставиме и дека ние сме победнички расположени. Победнички за да ја донесеме Македонија онаму каде што и е местото Им дадовме јасно до знаење дека Кичевчани не толерираат повеќе изживување врз нив. Дека Македонија не толерира повеќе некој да ја тероризира! Ние не толерираме да лажат и крадат. Ние таквите ги казнуваме“, истакна на вечерашниот митинг во Кичево носителот на листата на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 5, Ѓорѓија Сајкоски.
Тој исто така повика на уште помасовна излезност на 8 мај за да се донесе историска победа за Македонија.
„Сакам исто така да ве повикам на 8 мај да излеземе во што поголем број и да донесеме историска победа на Македонија. Да донесеме историска победа за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, потенцираше Сајкоски.
Тој истакна и дека оваа е историска победа бидејќи граѓаните во ВМРО-ДПМНЕ препознаа луѓе коишто можат да ја донесат правдата во Македонија.
„Ние почитувани испишуваме историја. Испишуваме историја затоа што првпат од позиција на опозиција води некој политички субјект во Македонија со 180 илјади гласови. Испишуваме историја затоа што во нас препознаа македонските граѓани луѓе коишто се чесни, коишто се трудољубиви и луѓе коишто можат да ја донесат правдата во Македонија“.
Тој упати порака и до оние кои не излегоа на гласање дека ако сакаат да живеат во подобра Македонија треба да се придружат во големата победа на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако сме согласни дека треба да имаме подобро здравство, подобро образование, дека инфраструктурата во ИЕ 5 е катастрофална и дека треба да направиме комплетно нова, придружете се. Придружете се во голема победа за Македонија. Придружете се и само така, само единствени може да победиме и може да донесеме влада којашто никој не може да ја уценува и може да донесеме премиер што испорачува. Да испорача да имаме одлична инфраструктура, да бидеме први во регионот наместо последни и да направиме економски бум“, истакна Сајкоски и додаде:
„Поканете го секој, разговарајте со секој затоа што ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ се политички субјекти којшто мислат добро за сите во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата го заслужува вашиот глас, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ беше и остана браник на македонската државност“.