Македонија
Одбележана 13-годишнината од хеликоптерската несреќа кај Блаце во која загинаа 11 војници
Со полагање свежо цвеќе на спомен-обележјата денеска беше одбележана 13-годишнината од хеликоптерската несреќа, во која враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА во Босна и Херцеговина, трагично загинаа единаесет припадници на Армијата на Република Северна Македонија.
Со едноминутно молчење и венци со свежо цвеќе, на спомен-обележјето кај катлановско Блаце почит на загинатите, покрај членовите на нивните семејства, оддадоа и делегации од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.
Во согласност со протоколот на Комисијата за заштита од заразни болести за заштита и спречување на ширењето на Ковид-19, пред спомен-обележјето во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, годишнината од хеликоптерската несреќа беше одбележана од страна на воздухопловниот ВИНГ и семејствата на загинатите.
Во чест на единаесеттемина загинати припадници, комеморативна церемонија се одржа и во кампот Бутмир во Сараево, Босна и Херцеговина каде нашите мировници беа дел од мисијата „АЛТЕА“.
Армискиот хеликоптер Ми-17 враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА се урна на 12 јануари 2008 година кај Блаце при што трагично ги изгубија животите: потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

