Македонија
Одбележана 22 годишнината од загинувањето на 10-те прилепски бранители кај Карпалак
Со положување цвеќе пред спомен-плочата во месноста Карпалак и во комплексот „Карпалак“ во Прилеп денеска беше одбележана 22 годишнината од загинувањето на 10–те бранители на Карпалак во 2001 година.
Бројни делегации: владини, од кабинетот на претседателот на државата, собраниски, општински, делегации од институции, претставници на семејствата на бранителите, политички партии, здруженија и граѓани положија свежо цвеќе на спомен обележјето во центарот на Прилеп, кое во чест на бранителите го носи името „Прилепски бранители“ , изграден од Општина Прилеп, со цел никогаш да не се заборават хероите и немилиот настан што во 2001, како што рече градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, „го завија градот во црно“.
„Денеска, и после 22 години, од овој крвав настан, колку и да сакаме, колку и да се трудиме, во овие заеднички мигови на тага и сеќавање, никој од нас не може да ја оттргне болката за загубените животи на: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Веби Рушидоски, Горан Миноски, Бранко Секулоски, Љубе Грујоски, Ердован Шабаноски, Марко Деспотоски, Пеце Секулоски и Дарко Вељаноски, кои, загинаа во одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија. Прилеп и прилепчани со големо достоинство, гордост и почит, чествуваат во името на нивната храброст и херојство. И, стоејќи тука пред нивниот споменик, именуван како „Прилепски Бранители“ даваме завет како Македонци, дека ќе го чуваме нивниот спомен, дека ќе ја чуваме оваа наша земја македонска и дека нема да дозволиме повеќе да има човечки жртви, понижувања и војни, туку разбирање, почитување и решавање на конфликите преку дијалог“ – истакна градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески во своето обрајќање.
Настанот се случи на 8-ми Август 2001 година, околу 10 часот, кога конвојот на АРМ, во кој беа 100-тина прилепски резервисти беше кукавички нападнат од заседа. При тоа беше погодено едно транспортно возило во кое беа 8 војници и двајца офицери ,сите од прилепскиот резервен состав кои утрото тргнаа кон Тетово, да ја бранат татковината. При тој напад, загинаа Нане Наумоски (48), Сашо Китаноски (39), Бранко Секулоски (42), Горан Миноски (29), Ердован Шабаноски (20), Веби Рушитоски (26), сите од Прилеп, Марко Деспотоски (27) од прилепско Новоселани, Љубе Грујоски (31) од прилепско Пашино Рувци, Дарко Велјаноски (27) од прилепско Ропотово, и Пеце Секулоски (29) од прилепско Бело Поле.
Во рамките на чествувањето 22 години од загинувањето на 10-тe прилепски резервисти, вчера делегации од Владата, семејствата на загинатите, преживеаните бранители во конфликот, општинскиот совет и градоначалникот на Прилеп и претставници од АРМ, положија цвеќиња пред споменикот во кругот на касарната „Мирче Ацев“, како и пред спомен плочата на загинатите бранители во селото Лениште.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска сончево и топло, промена на времето со пороен дожд и грмежи од први мај
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека времето денеска ќе биде сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 21 до 27 степени Целзиусови.
Во Скопје ќе биде сончево и релативно топло со мала облачност и со слаб североисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 26 степени, велат од УХМР.
Стабилното и суво време, сепак, нема да се задржи долго. Веќе од средината на следната седмица, повторно се очекува дожд.
Промената на времето ќе започне уште во среда, на први мај, кога во попладневните часови ќе има услови за локална појава на краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Поголема нестабилност со дожд и чести грмежи се очекува во четврток.
Македонија
Апасиев од Тетово: Под власта на учките од ДУИ, поддржани од корумпираната македонска елита, секое второ дете од Полог се раѓа во Швајцарија
,,Етнотрибализмот ни го сервираат како европска вредност. Ние создадовме општество на квоти, коешто ни донесе секое второ дете од Полог да се раѓа во Италија, во Швајцарија или надвор од Македонија“, вели претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
„Првиот концепт кој што ни го нудат е концептот на дејтонизација. Либанизација на Македонија, бејрутизација на Скопје. Тоа е нивната агенда, спонзорирана од западните амбасади. Ни понудија модел на бинационален грабеж.
Ние сме единствена земја во светот со еден Парламент и две Влади. Но помина времето кога Македонецот беше инфериорен во сопствената држава. Левица е принципиелно против Бадентер и против Балансер“, истакна претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
Македонија
Мицкоски: СДСМ и ДУИ имаа две сценарија, прво, тивок бојкот за претседателските избори, второ, Ахмети добил бел лист од Ковачевски да напише што сака
Државата ни ја одземаа. Народот изгуби контрола над системот, институциите се киднапирани од стотина души на ДУИ кои управуваат со се. Додека тие од СДСМ им се верни слуги во секој криминал и тендер. И навистина е лицемерно од ДУИ и СДСМ да велат дека носеле храбри одлуки што е храброст да продадеш име, устав, да проблематизираш историја, и повторно да бидеш пред портите на ЕУ. Затоа што и тие од ЕУ знаат дека криминалци владеат со државата, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашниот митинг во Кочани.
Мицкоски укажа дека од СДСМ и ДУИ се подготвени на се за да ги задржат фотелјите и привилегиите.
„Затоа излезот го бараат во двете сценарија. Првото е тивкиот бојкот за претседателсите избори кој го заговараат. Додека се удираат во гради дека ќе згазеле во вториот круг, всушност тие сакаат да одработуват на тивок бојкот и спласнување на атмосферата на изборите. Второто сценарио е она на Ковачвски кој ја дал најдарежливата понуда до Али Ахмети. Ахмети има добиено бел лист на хартија од Ковачевски на кој само треба да ги напише институциите и министерствата кои сака да ги добие“, кажа Мицкоски.
Мицкоски порача дека излезот од сето ова е масовна излезност на изборите, како и масовна и недвосмилена поддршка за ВМРО-ДПМНЕ која е единствената сила за промени.
„Таа поддршка ни е потребна и за да нема уцени, ниту притисоци. Да имаме сила за промени, а таа сила можете само вие да ја дадете, народот на Македонија. Во првиот круг тука победата беше убедлива. 8079 гласа на 3900 за поранешнот претседател Пендаровски. Сега поддршката нека биде уште поголема за да може да жолтиот картон од првиот круг да биде црвен. Имаме незавршена работа, која ќе се финализира со огромна победа на 8 мај“, изјави Мицкоски.
Мицкоски се обрати и до неопределените, како и оние кои гласаа за кандидатите кои не се дел од вториот круг.
„Цунамито не огромниот бран на промени е започнат. Приклучете се и бидете дел од оваа генерација која одучува за сопствената иднина. Има надеж и ние заедно ќе се избориме. Сите оние кои пак во првиот круг гласаа за некој од другите опозициски кандидати кои сега се надвор од трката за претседател. Дојдете и поддржете ја единствената и главната сила за промени Гордана Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ. Да не се ситнат промените. Приклучете се таму каде што е огромното мнозинство кое ја носи новата надеж за иднината на државата“, кажа Мицкоски.
Мицкиски на крајот им порача на граѓаните. „Ова не е Македонија што ја сакаш и ја заслужуваш. Овие избори се последна шанса за спас. Ширете ја пораката на промените. Тоа не се промени за освети не се промени за поделби. Тоа се промени во кои надежта го победува стравот. Заедништвото ги победува поделбите“.