Македонија
Одбележан Денот на Првата пешадиска бригада
Денес во касарната ,,Страшо Пинџур“ во Петровец, најголемата борбена единица во Армијата, Првата пешадиска бригада (1.пбр) од составот на Kомандата за операции (КО), го одбележа Денот на единицата.
На одбележувањето присуствуваа министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, генерали во Армијата, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот, пратеници од Собранието, поранешни команданти на единицата, воените аташеи, претставници на локалната самоуправа и институциите со кои соработува единицата и други гости.
Командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, честитајќи им го Денот на единицата на припадниците на бригадата, истакна дека оваа единица е колевка на слободарските традиции од народноослободителната борба, но и единица чии високи критериуми и стандарди во обуката се посветено и напорно градени низ повеќе трансформации.
„Затоа со гордост ќе истакнам дека годинава, кога навршуваме пет години од нашето полноправно членство во НАТО, токму оваа единица беше поле каде се создаваа стандарди, се градеа критериуми за интероперабилност и каде оперативната способност најчесто беше презентирана пред партнерите од Алијансата“, истакна генералот Ѓоргоски.
Командантот на бригадата, бригаден генерал Дејан Чиплаковски потенцираше дека Првата пешадиска бригада е примарниот капацитет при исполнувањето на обврските произлезени од членството во НАТО, дефинирани преку целите на способности.
„Нашата посветеност кон НАТО останува непоколеблива и не затоа што тоа е единствениот пат, туку затоа што тоа е вистинскиот пат. Оваа година го одбележуваме јубилејот – пет години од полноправното членство во НАТО. Пет години во кои многу пати досега покажавме дека заедно сме посилни, без разлика дали учествуваме во меѓународни мисии, обуки, вежби или помагаме во справување со последиците од елементарни непогоди“, наведе генералот Чиплаковски.
На одбележувањето беа доделени и НАТО медали на припадниците од составот на 1.пбр, кои беа распоредени во мировни мисии во изминатиот период, стимулативни мерки за припадници на бригадата, а беше прогласена и најдобрата единица во бригадата, признание кое оваа година го доби втората чета од 2. пешадиски баталјон.
Командантот на 1.пбр, генералот Чиплаковски, во знак на одличната соработка и придонесот во градењето на борбената готовност и обученоста на единицата, на министерот за одбрана и на началникот на Генералштабот на Армијата им врачи плакета со лого на единицата.
Со одлука на претседателот и врховен командант на Армијата, 2 април е одреден за Ден на 1.пбр, како датум на кој оваа единица ги презема задачите и одговорностите на двете поранешни бригади, со што стана најголемата борбена единица со застапеност од повеќе армиски родови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.
Македонија
Измамена 76-годишна битолчанка: се претставил како лекар и ѝ зел 7.000 евра за да ја спаси внуката повредена во сообраќајка
Во полицијата во Битола, 76-годишна жена вчера пријавила дека била измамена за 7.000 евра.
„76-годишна жена од Битола пријави дека била измамена од страна на непознато машко лице, кое и се јавило на телефон и ѝ се претставило како лекар, по што и кажало дека нејзината внука е тешко повредена во сообраќајна несреќа и треба да даде пари за да ѝ го спаси животот. Пријавителката заедно со сопругот однеле 7000 евра и ги дале на едно лице кое, според договорот, ги чекало кај саатот во Битола. Подоцна, пријавителката сфатила дека била измамена односно дека нејзината внука не учествувала во сообраќајна несреќа“, соопшти МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

