Македонија
Одбележување петнаесет години од хеликоптерската несреќа кај Блаце
Со едноминутно молчење и полагање свежо цвеќе на спомен-обележјата кај Катлановско Блаце и пред Командата на воздухопловниот ВИНГ, денес се одбележаа петнаесет години од хеликоптерската несреќа во која трагично загинаа единаесет припадници од составот на воздухопловниот ВИНГ враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА.
На спомен-обележјето во Катлановско Блаце, покрај членовите на семејствата на загинатите припадници, свежо цвеќе положија делегација од Министерство за одбрана и Генералштабот на Армијата, составена од заменик-министерот за обрана, Башким Хасани, и директорот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Зоран Милески, од кабинетот на претседателот и врховен командант на Вооружените сили, од општината Петровец, Командата за операции, воздухопловниот ВИНГ и Првата пешадиска бригада.
Петнаесетгодишнината од хеликоптерската несреќа беше одбележана од страна на припадниците на воздухопловниот ВИНГ и пред спомен-обележјето во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец.
Почит на загинатите им беше оддадена и во базата „Бутмир“ во Сараево, во меморијалниот парк со комеморативна церемонија во чест на единаесетте загинати припадници од македонскиот контингент во мисијата АЛТЕА во БиХ.
Во хеликоптерската несреќа, на денешен ден пред петнаесет години, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА, трагично ги изгубија животите потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

