Македонија
Одбраната на Мијалков инсистира да се гледаат снимките од парите пронајдени кај Бошкоски
На денешното продолжение на судењето за случајот „Тортура“, каде што обвинети се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, заедно со шесте припадници на единицата „Алфи“ за апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, се прегледуваат снимки од пребројувањето на парите пронајдени кај Бошкоски при апсењето.
На снимките се гледа како во затворена просторија се врши обработка на прибавените докази од страна на МВР, односно пребројување на парите запленети при апсењето.
Обвинителот Љубомир Лапе предложи да не се пуштаат сите снимки од пребројувањето бидејќи, како што рече тој, нема ништо ново и важно за случајот, а и поради економичност на постапката.
На ова, адвокатот на Сашо Мијалков изјави дека одбраната се противи на овој предлог и дека обвинителството требало на време да размислува за целисходноста на доказите, а не само да внесува кутии со докази за пред медиумите.
„Овие видеоснимки имаат врска со кривичното дело што го сторил сега оштетениот и поради што бил апсен. Обвинителството кога ги поднесуваше овие обвиненија требаше да размислува дали е целисходно да се носат овие докази, а не поради медиумско внимание во судот да внесуваат кутии со докази, барам снимките да бидат пуштени“, рече адвокатот Василев.
Судијката Александра Ристеска го одби барањето на обвинителот Лапе, па во судницата продолжи емитувањето на снимките од пребројување на парите.
Во случајот „Тортура“ на СЈО покрај првообвинетиот Сашо Мијалков обвинети се и припадниците на полициската единица „Алфи“, Ивица Анчевски, Новица Станковски, Филип Атанасов, Петар Милошевски, Јован Боцевски и Метуш Шабани за извршена тортура врз лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.
Македонија
Утрешното судење за пожарот во „Пулс“ е одложено за 26 јануари
Судењето за пожарот во „Пулс“ што требаше да се одржи утре е одложено за 26 јануари, соопшти Кривичниот суд. Расправата за пожарот во Кочани се одлага по барање на една од адвокатките која е избрана за нов член на Судскиот совет.
„Главната расправа за предметот со К.бр. 1872/25 поврзана со пожарот во Дискотеката ‘Пулс’ во Кочани, насрочена за утре 14.01.2026 – та година, се одлага по барање на бранителот на еден од обвинетите, адвокат Сузана Јошевска Анастасовска“, соопшти Судот.
Барањето е од причина што во текот на вчерашниот ден, Јошевска Анастасовска е избрана за член на Судскиот совет на РСМ, па заради исполнување на правото за ангажирање нов бранител и негово запознавање со предметот, утрешната расправа се отповикува, а судењето продолжува на следниот, претходно утврден термин, на 26.01.2026 година во 09:30 часот во судницата во КПУ Идризово.
Од Судот информираат дека заради економичност во постапувањето, странките се веќе известени за отповиканата расправа.

