Македонија
Субхи Јакупи, кој си подели бонуси во ДИК, бил најдобриот кандидат и затоа станал судија
Поранешниот член на ДИК, Субхи Јакупи, кој беше разрешен со колегите зашто си делел бонуси, на последната седница на Судскиот совет беше избран за виш управен судија. Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, на конференција за реформи во судството во Охрид рече дека очигледно Јакупи бил најдобриот кандидат зашто ги добил потребните гласови за да биде избран.
На новинарско прашање дали Јакупи бил најдобриот избор за судија, Караџовски одговори: „Очигледно од мнозинството членови на Судскиот совет беше најдобриот кандидат. Немаше единство во гласањето, но го доби потребниот број гласови и тука немам што да кажам. Ги имавме предвид сите забелешки, меѓутоа изборот беше таков каков што заврши.
Јакупи, кој беше и заменик-министер за правда од ДУИ, заедно со уште седум членови на ДИК поднесоа оставки од функциите од лични причини, а Собранието ги констатира. Оставките следуваа по притисокот на јавноста, која реагираше затоа што бонусите во износ од четири плати си ги доделиле тајно за ангажманот за локалните избори во октомври лани.
Информацијата ја обелодени американскиот амбасадор Џес Бејли. Од Комисијата тогаш рекоа дека нема ништо нелегално во одлуката за дополнителен надоместок, а за нетранспарентноста ја прозваа службата за односи со јавност, која наводно навреме не ја објавила информацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Посебен режим на сообраќај во Скопје в сабота
Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните на Скопје дека на 04.05.2024 (сабота), поради одржување на манифестација по повод годишнината од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје по потреба ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот, односно по потреба за сообраќај ќе биде затворена улицата „Самоилова“ на потегот од улицата „Иљо Војвода“ (виадукт Самоилова) до крстосница со улицата „Прохор Пчински“.
Министерството за внатрешни работи, исто така, ги известува граѓаните на Скопје дека на 04.05.2024 (сабота), Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во централното градско подрачје на Град Скопје, како и во општините Ѓорче Петров и Аеродром.
На 04.05.2024 во периодот од 18.00 часот до завршување на манифестацијата по повод верскиот празник Воскресение Христово Велигден, во центарот на градот по потреба за сообраќај ќе бидат затворени: 1. Бул.„Партизански одреди” од крстосницата со ул.„Франклин Рузвелт” до крстосницата со бул.„ВМРО”. 2. Бул.„Св.Климент Охридски” од крстосницата со бул.„Илинден” до крстосницата со ул.„Димитрие Чуповски”. 3. На возилата од јавниот градски превоз, кои поминуваат преку мостот „Гоце Делчев”, по потреба ќе им се менува трасата на движење, при што ќе се движат по бул.„Илинден” и преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”, додека автобусите кои што поминуваат преку Центар ќе се движат по ул.„Митрополит Теодосиј Гологанов”, по што преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”.
Во спротивна насока автобусите ќе ги користат истите сообраќајници. Во општина Ѓорче Петров, по потреба, за сообраќај ќе се затвора ул.„Македонска војска“ пред црквата „Свети Петар и Павле“ на потегот од крстосница со бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“.
Во општина Аеродром, по потреба, за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон село Лисиче. Исто така, по потреба за сообраќај ќе бидат затворани и други сообраќајници кои гравитираат околу верските објекти. Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвиваат настаните.
Македонија
Македонија најдобро рангирана меѓу државите од регионот според Индексот за слобода на медиумите
Репортери без граници денеска го објавија својот годишен извештај за слободата на медиумите во светот, според кој Македонија се наоѓа на 36 место, што е за две места подобор од 38 место претходната година.
„Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Понатаму, владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“, се наведува во извештајот на Репортери без граници.
Репортери без граници ја издвојува Аргентина под новиот претседател Хавиер Милеи, која падна за 26 места, од 40 на 66 место и пишува за „спектакуларната мимикрија на руските репресивни методи“ низ Источна Европа и Централна Азија, вклучително и во Србија, каде што „провладините медиуми емитуваа Руска пропаганда, а властите им се закануваат на руските новинари во егзил“.
Индексот на слободата на медиумите и натаму го предводи Норвешка, потоа Данска и Шведска, а најлоша е ситуацијата во Еритреја, која го презеде дното на листата од Северна Кореја. Меѓу најлошите десет се и Кина, Иран, Авганистан и Сирија, пишува агенцијата Франс прес.
И Босна и Херцеговина падна многу на овогодинешната листа и сега е на 81 место, Србија е уште полошо, на 98 место, Црна Гора е на 40, Хрватска на 48 место, а Словенија на 42. Од земјите на ЕУ, послаб индекс на слободата на медиумите имаат Романија, Бугарија, Кипар и Грција, која според овој критериум е на 88-то место, најлошо во Унијата.
Албанија е на 99 место, а Косово на 75, според извештајот.
Македонија
„Повторен обид на Министерството за здравство да протурка реновирање на операциски сали и фаворизира одредени фирми“, вели ВМРО-ДПМНЕ
„Министерството за здравство повторно ја објавува постапката за јавна набавка на проектирање и изведба на реконструкција и реновирање на операциски сали, нивни пред простории и ходници со машински соби во УКЦ Мајка Тереза – хируршки клиники по принципот „клуч на рака“, вели Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата пред само месец и половина Државната комисија за жалби по јавни набавки ја поништи од причина што Министерството за здравство изготвило тендерската документација која не е во согласност со Законот за јавни набавки и истата доведува до дискриминација на економските оператори и ограничување на пазарната конкуренција.
Повторената постапка објавена е на ден 24.04.2024 година, неработен ден прогласен со одлука на Влада поради одржување на прв круг претседателски избори.
Во тендерската документација за економска способност на економските оператори се бара минимум 550.000.000 денари со ДДВ вкупен приход во последните три години за секоја година поединечно.
Ова е целосно неосновано.
Прво, затоа што во финансиските извештаи приходот се искажува без ДДВ (ДДВ-то е обврска на друштвото да го плати спрема државата).
Второ, зошто не е објавена проценетата вредност на набавката за да може да се утврди дали овој услов е согласно Законот за јавни набавки? (Според Законот за јавни набавки – Договорниот орган не смее да бара минималниот годишен приход да изнесува двојно повеќе од проценетата вредност на набавката)“, се наведува во статусот на фејсбук на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.