Македонија
Одговорност за двете свирепи убиства во Куманово, бара Левица
Како резултат на несоодветното постапување на институциите и несанкционирање на монструмот Дејан Јовановски од страна на правосудните органи, по десет години тортура врз двете жени, тој останал на слобода и свирепо ги уби сопругата и мајка ѝ, а осумгодишното синче се криело во собата, велат од Левицата.
Овој хорор, како што појаснуваат од партијата, го трпеле двете жени со години, а и покрај тоа што убиецот имал пет кривични пријави, изречени биле само две условни пресуди. Втората пресуда Основниот суд во Куманово ја донел во 2021 година откако претходната година ја претепал својата партнерка, потсетуваат од партијата на Апасиев.
Левицата јавно бара одговори од ОЈО Куманово по кој основ поднеле обвинителен предлог против убиецот, со оглед на фактот дека на насилникот му се изречени само две условни пресуди, од три и седум месеци?!
„Бараме одговор од Основниот суд Куманово како судиите ги ценеле овие околностите и зошто по низата физички напади и закани, не предвиделе дека може да бидат кобни за жртвите и не било изречена построга санкција за убиецот?
Казните за нанесување телесна повреда, односно тешка телесна повреда извршена како семејно насилство, варираат до 3 години, односно 5 години казна затвор, во зависност од делот. Доколку убиецот бил зад решетки, можеби никогаш немало да се случи ова злосторство.
Убиството на двете жени во Куманово повторно го отвори прашањето колку нашите институции имаат капацитет да ги заштитат жртвите на семејно насилство и да им овозможат соодветна заштита. Поразително е тоа што насилството врз жени во овој гнил систем институциите одлучуваат да го игнорираат наместо навремено да преземат соодветни мерки за заштита.
Неефикасните бирократски процедури и институционалните бариери, економската зависност, страв од бездомништво и сиромаштија се најчести причини жените жртви да бидат обесхрабрени да го пријават случајот. Нужни се системски промени со кои брзо и ефикасно ќе се справува со насилниците, за да се заштитат жртвите, а потребно е зголемување и заострување на казните затвор за семејно насилство“, реагираат од Левица.
За жал, како што велат, во Македонија не постои официјална статистика за бројот на фемициди, но некои неофицијални статистики велат дека во периодот од 2001 до 2020 имало 54 такви случаи.
„Случаите на фемицид го потресоа регионот, откако во Босна и Херцеговина во период од 10 дена беа убиени две жени од своите поранешни партнери.
Министерството за труд и социјална политика, на чело со министерката Јованка Тренчевска од редовите на СДСМ, остануваат неми за насилствата кои секојдневно го трпат жените во Македонија, како и за загрижувачката бројка на случаи на фемицид.
Бараме одговорност од сите чинители во низата кои се директни соучесници во убиството на жените“, потенцираат од Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 12 затворени улици во Скопје, ќе се протестира против Усје
Во централното подрачје на Скопје денеска ќе биде воведен посебен режим на сообраќај поради протестниот марш „Стоп за Цементара“, закажан во 12 часот.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, маршот почнува пред Владата на булевар „Илинден“, десно по булевар „ВМРО“, во продолжение по улицата „Васил Главинов“, лево по улицата „Димитрие Чуповски“, во продолжение по улица „11 Октомври“ до пред Собрание и лево по улица „Филип Втори Македонски“ до пред Министерство за животна средина во Скопје.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на град Скопје.
– Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници, се наведува во соопштението.
Македонија
Прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд
Времето денеска ќе биде прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места ќе има слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до шест, а максималната ќе достигне од седум до 11 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до пет, а максималната ќе достигне до 10 степени.
УХМР информира дека ќе продолжи периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има утре кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.

