Македонија
Одземен имунитетот на судијата Наќе Георгиев, Обвинителството отвори истрага и против Мемети, но за него не се бара притвор
Обвинителството отвори истрага за врховниот судија Наќе Георгиев и за членот на Советот на јавните обвинители, Иџет Мемети, кои се сомничат за примање награда за противзаконито влијание.
Од тука информираа дека акцијата за апсење на Георгиев следувала по пријава од син на обвинет во предмет што се води во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Обвинителството објави дека донесена е наредба за спроведување истражна постапка за судијата и уште за едно лице за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело примање награда за противзаконито влијание од член 359 од Кривичниот законик.
Денеска, Основниот суд ќе одлучува за притворот за врховиот судија, а во однос на Мемети засега, според доказите, нема основа да се предложи притвор.
„Според сознанијата добиени од пријавителот, првоосомничениот, користејќи ги службената положба и претпоставеното влијание, лажно ветувал погодности за обвинетиот (татко на пријавителот) во друга постапка што се води пред Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и лажно прикажале дека ќе извршат влијание заедно со второосомничениот. Предметниот обвинител, вчеравечер, покрај предлозите за претрес на повеќе локации, ценејќи дека се исполнети условите до Основниот кривичен суд Скопје, достави и предлог за определување на мерката притвор за првоосомничениот. Со оглед на тоа што станува збор за судија во највисокиот суд во државата – Врховниот суд, кој ужива имунитет, а кој е фатен in flagranti во извршување на кривичното дело, предлогот преку Основниот кривичен суд е доставен на одлучување до Судскиот совет на РСМ, кој во текот на ноќта му го одзеде имунитетот, по што денеска Основниот кривичен суд Скопје ќе одлучува за предложената мерка“, велат од Обвинителството.
Како што се додава, прибраните докази и извршените претреси до овој момент даваат законска основа на предметниот јавен обвинител да предложи притвор само за врховиот судија, кој бил затекнат при извршување на кривичното дело.
Во однос второосомничениот, како што информираат од Обвинителството, до овој момент доказите не даваат основи за да се предложи најстрога мерка за обезбедување. Истрагата продолжува до целосна проверка на сите околности и наводи.
Синоќа, по наредба на судија на претходна постапка, беше извршен претрес во домот на членот на Советот на јавните обвинители, Иџет Мемети, во Тетово и претрес во службените простории на Советот на јавните обвинители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.
Македонија
Филипче обвинува дека власта удрила и по средните винарии
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во денешната изјава од Моклиште, Кавадраци, нагласи дека со новите критериуми за добивање субвенции владата директно ги оштетува средните винарии, а новите правила за субвенции одат во прилог на само неколку големи компании.
„Средните винарии имаат обврска да продадат, 30% од грозјето на најголемите една или две винарии, со цел да воопшто стигнат до субвенција. Сето ова оди во прилог на потребите на само една или две големи винарии. Лозарите, тие кои мака мачат на сонце на лозовите насади, малите винари, средните винари, сите се намерно оштетени, намалени им се парите или воопшто нема да можат да ги земат, што е една катастрофа за овој регион“, рече Филипче.
Тој додаде дека во новата Програма за субвенции во земјоделството и парите се скратени и условите за добивање субвенции се усложнети.
„Владата ја намалува и Програмата за субвенции во земјоделството во целост. Од 140 на 100 милиони евра. Значи за цела третина, помалку пари, кај сите сектори во земјоделството, сточарството, лозарството, поледелството, овоштарството и нема да имаат овие земјоделци доволно поддршка од државата како што тоа го имаше во времето на владата на СДСМ“, рече Филипче.
Во изјавата Филипче нагласи дека лозарите не можат да очекуваат позитивни вести кога станува збор за поддршката од државата.
„За жал, сметам дека лозарите оваа година немаат да има добри вести во однос на тоа што значи поддршка од страна на владата за развој на овој сектор. Овој сектор земјоделството во мало го означува пристапот на оваа власт генерално во државата. Кражба, пљачка и незаинтересираност за луѓето.Жалам, но оваа власт не се грижи за граѓаните, за државата“, рече Филипче.

