Македонија
Одложено првото рочиште за „Моќник“ поради коронавирус
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, обвинет во случајот „Моќник“, кој се однесува на продажба на имот во село Ижишта, сопственост на Македонски Брод, по првото рочиште, кое беше одложено, рече дека обвинението е компромитирано. Според него, случајот е политички мотивиран, а Обвинителството нема издржани докази. Првото рочиште беше одложено бидејќи дел од обвинетите и адвокатите доставиле решенија со кои им е одредена самоизолација поради коронавирусот.
„Станува збор за политички мотивиран случај. Обвинението е компромитирано, тоа е почнато како истрага од Катица Јанева, која видовме дека се занимавала со рекетирање. Го продолжува нејзината другарка Фетаи за која ДЗР утврди дека незаконски зела 87 илјади денари хонорари. Дел од Обвинителството е под силно влијание на Владата и очекувам Обвинителството да го користи аргументот на силата. Ние ќе користиме докази за да докажеме дека станува збор за правно неоснован случај. Обвинението, ако го прочитате, ќе видите дека е паушално и без издржани докази. Затоа, сметам дека станува збор за политички мотивиран случај. Јас не би го коментирал судот, само Обвинителството. Кои се нашите најсилни аргументи, ќе кажеме на самите рочишта“, рече Милошоски по првото судење.
Освен пратеникот, во случајот се обвинети уште 12 лица. Милошоски се гони за злоупотреба на службената положба и овластувањата и за измама. Прво и второобвинети во случајот се таткото на пратеникот Милош Милошоски и ексградоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески.
Според обвинението, Милошоски се товари дека како пратеник вршел континуиран притисок во органите на државната управа, Државното правобранителство и судовите за да не се поништи купопродажбата, со што овозможил да се реализира последицата од делото.
„Во текот на 2011 година прво и второобвинетиот заеднички, со намера првообвинетиот да прибави противправна имотна корист, ги довеле во заблуда советниците во Советот на Општина Македонски Брод со лажно прикажување и со прикривање факти за правниот статус и вистинската вредност на недвижностите – предмет на продажба. Тие ги навеле советниците да изгласаат одлука за отуѓување недвижен имот за кој советниците сметале дека е поранешниот задружен дом, а всушност одобриле отуѓување зграда со корисна површина од 157 м2 со дворно место од 3.920 м2 во с. Ижишта, општина Македонски Брод, која ја користела општина Пласница, соопштија од Обвинителството“, стои во обвинителниот акт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

