Македонија
Одложено судењето за „Плацови на Водно“, еден од адвокатите е зафатен, а се преведуваат и докази од англиски јазик
Се одложи второто рочиште за „Плацови на Водно“, на кое обвинетите требаше да се произнесат дали се чувствуваат виновни за делата за кои се гонат.
Кривичниот суд соопшти дека рочиштето нема да се одржи бидејќи одбраната ги бара доказите преведени од англиски на македонски јазик.
Втората причина е бидејќи адвокатот, кој на обвинетиот Никола Груевски му беше назначен по службена должност, е зафатен во предметот ТНТ, чие рочиште е закажано во ист термин.
Обвинителката Лиле Стефанова најави голем број сведоци и докази за случајот „Плацови на Водно“, односно начинот на кој експремиерот Никола Груевски ги трошел парите наменети за партијата. На обвинителна клупа седнаа бизнисмените Јордан Камчев и Ненад Јосифовиќ, мајката на Камчев, Ратка Камчева, кумот од првиот брак на Груевски, Ристо Новачевски, и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.
Првообвинет во случајот е Груевски, азилант во Будимпешта.
Според обвинението, Груевски е обвинет за делата перење пари и за противправно стекнување и прикривање имот.
Неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска-Камчева се товарат за перење пари, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

