Македонија
Одобрено обвинението за „Поштенска банка“

Кривичниот суд информира дека во целост се одобрува обвинението за „Поштенска банка“ против 9 лица обвинети за злoупотреба на службена положба и овластување, како и перење пари и други приноси од казниво дело.
Решението е донесено по одржана седница на советот за оценка.
По одобрениот обвинителен акт, формиран е кривично-правен предмет за кој откако согласно АКМИС-системот ќе биде распределен на понатамошно постапување кај судија, ќе биде насроечна главната расправа за што странките ќе бидат дополнително информирани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски: Ден на меѓународната полициска соработка – нашата полиција работи рамо до рамо со партнерските служби во регионот, Европа и пошироко

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со раководството на министерството и полицијата денеска го одбележаа 7 Септември – Меѓународниот ден на полициската соработка.
Овој ден беше воспоставен со Резолуција на Обединетите нации во 2022 година и потсетува дека вистинска безбедност може да се обезбеди само преку заедничка работа, глобална соработка на институциите за спроведување на законот и подигнување на свеста за сериозноста на транснационалниот криминал и преку зајакнување на довербата и размената на информации меѓу службите.
Министерот Тошковски истакна дека современите закани, од организиран криминал и тероризам, преку кибер-криминал, до нелегална трговија со луѓе и дрога не познаваат граници и не можат да се надминат со изолирани напори и затоа е неопходно да се делува координирано, да градиме стабилни партнерства и да развиваме механизми што ќе овозможат навремен и ефикасен одговор.
„Македонија е посветена на оваа заедничка цел. Нашата полиција работи рамо до рамо со партнерските служби во регионот, Европа и пошироко, придонесува со размена на информации, учество во заеднички акции и заеднички анализи. Со тоа ја зајакнуваме сопствената безбедност, но и ја афирмираме улогата на државата како сигурен и кредибилен партнер на меѓународната сцена.“, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот Тошковски на крај нагласи дека меѓународен ден на полициската соработка останува да биде потсетник дека сигурноста на граѓаните зависи од нашата подготвеност да соработуваме, да споделуваме и да дејствуваме заедно.
Македонија
Кривични за стружаните кои запалија душеци на депонија за да ги извадат федерите и да ги продадат

Струшката полиција поднесе кривична пријава против двете лица на возраст од 38 и 61 години кои палеа душеци на депонија. Делото за кое се гонат е предизвикување општа опасност.
Пред еден месец на Градската депонија во Струга, како што соопшти МВР, пријавените запалија душеци за да ги извадат федерите и бакарните жици за да ги продадат.
Беа затекнати од вработените во струшката противпожарна единица и пријавени во полиција. Двајцата, според информацијата од август, покрај душеците, топеле и бакарни жици, при што предизвикале пожар.
Македонија
Поранешниот директор на Онкологија не се чувствува виновен – продолжи судењето против Васев и тројцата онколози

Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, кој заедно со тројца други онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти, денеска, пред Основниот кривичен суд Скопје изјави дека не се чувствува виновен. Вината, денес, пред судот, ја отфрлија и обвинетите Драган Јакимовски и Симонида Црвенкова, кои истакнаа дека својата кариера ја посветиле на лекување на пациентите.
Докторката Мери Пешевска, од друга страна, ја прифати одговорноста во делот на своите лозинки за пристап до системот, кои, како што рече, биле оставени на шалтер, но тоа било направено со цел побргу да минуваат пациентите и да се аплицира терапијата за нив. Одбраната на Пешевска побара раздвојување на постапката.
Обвинителката Ана Гоговска-Јакимовска рече дека обвинетите свесно и систематски постапувале спротивно на стандардите на светските и на европските онколошки упатства, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на здравствената состојба.
Обвинителката нагласи дека несовесното постапување било овозможено и со соработка со Пешевска, која му дала пристап до системот на Васев, а со тоа се финализирале терапии без соодветен надзор.
Според Обвинението, кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на здравствената состојба. Покрај тоа, Васев и поранешниот економски директор се соочуваат со дополнително обвинение за злоупотреба на службената положба и проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари.