Македонија
Од Градот Скопје тврдат дека потрошиле околу 2 100 евра за „Скопска прес-дружба“
За организацијата на настанот „Скопска прес-дружба“, единствениот трошок е во вид на репрезентација и кетеринг, услуга што чини 128 000 денари, средства издвоени од буџетот на Град Скопје, велат од Град Скопје за „Макфакс“.
Настанот предизвика серија реакции во јавноста, како и критики дека градската администрација наместо да се зафати со решавање на проблемите во главниот град, се шегува со нив.
„Макфакс“ испрати прашања до градската администрација за тоа колку средства биле потрошени за „Скопска прес-дружба“, од кој буџет се подмирени трошоците, по кој основ, дали говорниците на настанот добиле хонорари, како е избрана локацијата каде што ќе се одржува и според кои критериуми, како се бирани гостите, како и преглед на буџетот наменет за настанот.
Не добивме преглед на буџетот потрошен за дружбата, но од Град Скопје тврдат дека единствените трошоци кои биле направени биле тие за репрезентација и кетерингот за гостите на настанот.
Според нив, самите водители и говорници на настанот биле поканети од Град Скопје и истите ја прифатиле поканата. За нивното учество велат дека не биле исплатени никакви хонорари. Нема официјална информација од Градот дали биле потрошени средства за објектот за изнајмување на настанот.
„На самиот настан беа поканети претставници на медиуми, пред сè уредниците и новинарите кои соработуваат со Град Скопје, базирани на нашите евиденции од листите за присуство на настаните. Тука беа поканети сите медиуми, уредници и новинари од т.н. ‘скопски рубрики’ на медиумите, како и соработниците на Градот.
Градот Скопје и во иднина ќе организира вакви и слични настани, на различни локации, додека за локацијата на конкретниот настан се одлучивме поради фактот што истата беше соодветна и приспособена за вакви средби, со соодветна аудио и видеоопрема и сценска поддршка“, велат од Град Скопје.
На граѓаните не им е дојдено до шеги за проблемите
За негативните реакции во јавноста за организацијата на овој настан, комуниколот Петар Арсовски вели дека не е страшно што градоначалникот Петре Шилегов организирал дружба со новинарите, што е можно почесто треба да се дружи со новинарите, но тоа не смее да биде замена за неговата работа.
„Преку дружбата со новинарите не треба да сокрива недостатоци на неговото работење и истовремено треба да се обидува да ги решува проблемите на граѓаните. Луѓето се соочуваат со големи проблеми и не гледаат дека градските власти сериозно се зафаќаат со решавање на истите, затоа и доживуваат една ваква можеби позитивна иницијатива на негативен начин. Затоа што не гледаат дека се решаваат приоритетите. Кога ќе се исчистат тротоарите, кога ќе се собира редовно ѓубрето, кога луѓето ќе почуствуваат дека се прават вистински мерки за загадувањето, кога сè ‘ќе му крцка’ во градот никој нема да се налути што се шегува на своја сметка, но проблемот е што работите му стојат, а тој се шегува и затоа има негативни реакции. Едноставно најмалку им дошло до шегување на луѓето во овие моменти“, вели Арсовски.
Кристина Озимец
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

