Македонија
Од денеска вработените во МВР добиваат покачување на платата од 5 отсто
Во насока на континуирано мотивирање на вработените во МВР издејствувавме зголемување на платите за 5 проценти почнувајќи од 1 септември 2022 од буџетот на МВР, што претставува трето покачување на платите на вработените во МВР, соопшти министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
„Во 2018 година се издејствува зголемување на платите за 5 илјади униформирани полициски службеници, притоа овозможувајќи издвојување на работните позиции помлад полицаец, полицаец и виш полицаец од другите вработени. Со ова првпат е извршено зголемување на бодовите за полицискитњ службеници за 10 и 20 бода за работната позиција полицаец од категориите Е5, Е4, Е3 и Ж5, Ж4 и Ж3 за што во буџетот на Министерството за внатрешни работи за 2019 година побарани се и одобрени парични средства за исплата на зголемување на плата во износ од 80.000.000 денари на годишно ниво за 4.821 униформиран вработен. Особено значајно за ова раководство на МВР е што вакво зголемување за основната компонента полицаец се остварува првпат од 1991 година па наваму.
Второто покачување следуваше во септември 2019 година, при што платата на вработените во МВР беше зголемена за 5 %, а за спроведување на ова зголемување беше зголемена вредноста на бодот од 26,09 денари на 27,72 денари.
Исто така, со зголемување на платите од 30 отсто опфатени се 100 лица од одделот за информатика и телекомуникации, и тоа сметано од 1.1.2020 година. Министерството за внатрешни работи се реши на овој чекор токму од причина да се мотивираат овие кадри да не заминуваат од Министерството и соодветно да придонесат на позициите за кои се ангажирани.
Меѓу другото, во 2020 и 2021 година, благодарение на домаќинското работење и остварените заштеди во буџетот, беа обезбедени средства за доброволна исплата на бонус плата за оствaрени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2017 и 2018 година, во вкупен износ од речиси 97.995.636 денари, и тоа: бонус плата за 2017 за 1.819 вработени во вкупен износ од 46.339.025 денари и бонус плата за 2018 за 1.916 вработени во вкупен износ од 51.680.268 денари.
И во 2021 година извршена е исплатата на бонус плата за вработени во МВР за остварени прекувремени часови во 2020 година, при што исплатени се 4.502 вработени, во вкупен износ од 135.969.404 денари. Покрај ова, за припадниците на Одделот за специјални полициски операции почна исплатата на патни трошоци за оние што живеат надвор од градот Скопје, како и исплата на дневници за службени патувања.
Со најновиот колективен договор донесени се одлуки што значат финансиско зголемување за вработените во МВР:
• 5 % исплата за домашно дежурство за неуниформирани полициски службеници,
• исплата на јубилејна награда за 10 години непрекината работа во МВР,
• исплата на еднократна помош од 100 евра во денарска противвредност за новородено дете за припаднички на МВР,
• исплата на надоместок за ментор за успешно спроведена менторска програма,
• исплата за надоместок на храна за ноќна работа, а во 2021 година исплатени се 259 вработени во вкупен износ од 6.149.195 денари.
Дополнително, во согласност со новиот Закон за минималната плата, за сите вработени во Министерството за внатрешни работи, на кои им се исплаќа платата врз основа на Законот за внатрешните работи и колективниот договор, минималната бруто-плата изнесува 26.800 денари. Тоа значи дека платата за вработените во МВР за најниското работно место со статус на овластени лица и полициски службеници во согласност со систематизацијата на МВР е над предвидената минимална плата.
Од полициските службеници, кои беа доведени во состојба на супстандардни услови, без потребна опрема и униформи, создадовме мотивирана полиција, која работи во интерес на граѓаните и државата. Продолжуваме и во наредниот период со уште поголема енергија да ги воспоставуваме европските стандарди во полицијата за да можеме да претендираме на уште подобри резултати во работењето“, напиша Спасовски на социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски ќе урива дивоградби низ Скопје, се чисти депонијата кај гробиштата во Бутел
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки против дивите депонии и дивопоставените објекти низ градот, потенцирајќи дека „ред мора да има“. Тој информира дека по третпат се чисти депонијата во близина на гробиштата во Бутел, додека паралелно ќе се постапува и против узурпацијата на јавниот простор.
Ѓорѓиевски изјави дека просторот со години бил запуштен и дека станува збор за место кое мора да биде достоинствено уредено, особено во пресрет на верските празници кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата.
– Ова е трета акција за чистење откако сум градоначалник. Во изминатите четири дена повторно се спроведува расчистување во координација со Општина Бутел. Наместо средствата да ги насочиме кон развој и изградба, ние повторно трошиме ресурси – луѓе, камиони и механизација, за истата намена – изјави тој.
Како претседател на ЗЕЛС, побара итно донесување на законските измени за комунална полиција, со кои се предвидува и зголемување на глобите.
– Мора да се воведе ред и во овој сегмент. Казните треба да бидат повисоки за конечно да се стави крај на несовесното однесување – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека следува и поинтензивна акција против дивопоставените објекти кои узурпираат јавен простор, велосипедски и пешачки патеки, зелени површини и други јавни зони.
– Граѓаните 30 години бараат ред. Ред ќе има. Знам дека некој нема да го прифати тоа позитивно, затоа што му се нарушува комодитет кој му бил дозволен на грбот на градот и граѓаните – рече тој.
Посочи дека постојат објекти поставени без никаква документација, па дури и во близина на здравствени установи.
– На Бит Пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор ќе постапуваме – истакна градоначалникот.
Според него, целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.

