Македонија
Од денеска исплата на социјалната и детската заштита
Министерството за труд и социјална политика информира дека во тек е исплатата на паричните права од социјалната и детската заштита за јули. Почнувајќи од денес, 4 август, се врши етапна исплата на гарантирана минимална помош, надоместок поради попреченост, надоместок за помош и нега од друго лице, надоместок на плата за скратено работно време, додаток за домување и на траен надоместок.
Со цел да се избегне метеж пред банките и да се овозможи поголема заштита на корисниците на парична помош во услови на опасност од вирусот Ковид-19, исплатата се спроведува во три групи, во филијалите и експозитурите на банките, во согласност со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето, и тоа:
– 4 август (вторник) – А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ;
– 5 август (среда) – И, Ј, К, Л, Љ, М, Н, Њ, О;
– 6 август (четврток) – П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.
Корисниците на парични права, кои поседуваат дебитна картичка, ќе може да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронското и мобилното банкарство од денес, 4 август.
Министерството за труд и социјална политика потсетува на обврската за носење лична заштита заради спречување ширење на коронавирусот. Сите што ќе подигнуваат пари од банкомати или од филијалите и експозитурите на банките должни се да носат каква било форма на заштита што ги покрива носот и устата и да одржуваат физичко растојание.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

