Македонија
Од денеска нема полициски час, од утре со работа почнуваат кафулињата
По 66 дена, од денеска се укинува полицискиот час во земјата воведен поради коронавирусот.
Владата вчера на седница донесе и одлука рестораните и кафулињата утре да почнат со работа, со прецизно утврден соодветен протокол за нивна работа во отворените делови, односно терасите на овие објекти, а работата во затворените делови и во објектите што немаат тераси, ќе се регулира во наредната фаза.
Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје и член на Комисијата за заразни болести ги објасни причините зошто Комисијата се одлучила да препорача укинување или намалување на рестриктивните мерки точно три месеци по утврдувањето на првиот случај на коронавирус во земјата.

Тој рече дека препораките се правени во однос на последниве 14 дена кога се гледа подобрување во однос на новорегистрираните случаи на коронавирусот.
„Во периодот од 14 дена имаме просечно од 10 до 40 случаи, што значи во просек на дневно ниво 20 случаи. Смртноста изнесува 1,1 случај на дневно ниво, што е многу подобро од земјите каде што има десетици. Станува збор за намален морбидитет, морталитет, што ги следи европските и светските држави“, рече тој.
Караџовски додаде дека во пет града има поголем број заболени лица, кои, како што рече, ги држат под контрола, бидејќи се познати кластери.
Премиерот Оливер Спасовски, сепак, предупреди дека ова не значи оти коронавирусот исчезнал и дека сме го победиле. Нагласи дека вирусот ќе биде присутен додека не се стекне имунитет или не биде пронајдена вакцина.
„Треба да прифатиме дека пандемијата не е победена и дека е закана за секој граѓанин. Секое игнорирање оди директно на штета на борбата против вирусот. На сите ни е јасно дека ова е нова фаза за сите нас. Тоа ново секојдневие нè повикува и нè обврзува“, порача Спасовски.

Министерот за здравство, Венко Филипче, по седницата на Владата за олабавување на мерките, рече дека граѓаните мора да ги почитуваат мерките бидејќи ако тоа не биде така, агонијата со вирусот ќе продолжи, а по неколку месеци, повторно ќе мора да се воведат рестриктивните мерки.
Владата донесе одлука од 1 јуни да престанат да важат заклучоците на Владата со кои разни категории вработени лица се ослободени по разни основи од редовно и тековно извршување на работните активности, како што се упатување за работа од дома, патување за работа кон градот Скопје, организирање на работниот процес со ротации и другите слични мерки и препораки.
Владата заклучи дека оваа одлука ќе биде придружена со соодветен протокол за работа, дејствување и однесување на работното место, кој се однесува на просторните услови, физичкото растојание во работните и другите простории, носењето лична заштитна опрема и така натаму.
Ова не важи за хроничните болни, а како дополнителен заклучок Владата денеска утврди дека отстапка од оваа одлука се и родителите што имаат деца на возраст до 10 години или деца на претшколска возраст за кои ќе се чека одлуката за почнување со работа на градинките.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

