Македонија
Од денес бесплатната правна помош станува достапна за жителите на општина Боговиње
Министерот за правда, Кренар Лога, и градоначалникот на општина Боговиње, Бесник Емшиу, денес потпишаа меморандум за соработка, кој во иднина ќе придонесе кон зголемување на достапноста на бесплатната правна помош до жителите на општина Боговиње.
Канцеларијата е сместена во зградат во која се наоѓаше седиштето на Општина Камењане. По свеченото отварање, се одржа и промотивен настан од страна на представници на Советот на Европа.
Од Правда велат дека заложбите на Министерството и канцеларијата на Советот на Европа, кои се во духот на еднаквиот пристап за ефективна правда, ќе продолжат и во наредниот период со отварање нови канцеларии во повеќе општини во државата.
Ова, како што се додава, е со цел запознавање на граѓаните со механизмите што ги нуди државата преку Законот за бесплатната правна помош во корист на заштита на нивните права во постапките пред судовите и другите институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средношколките во Охрид ќе се едуцираат како да се заштитат од сајбер напади
Камп за сајбер безбедност за средношколки се одржува во Охрид, како дел од проектот CybHER – Зајакнување на жените и девојките во сајбер безбедноста, кој го спроведува Британскиот совет во државите од Западен Балкан, со поддршка од Владата на Обединетото Кралство.
Пред учесниците на кампот денеска ќе се обрати државниот секретар во Министерството за образование и наука Елена Ивановска.
Македонија
УЈП потсетува за пресметка до 31 март 2026
УЈП потсетува дека крајниот рок за поднесување електронска пресметка за доход остварен во странство во 2025 година е 31 март 2026. Обврската се однесува на сите физички лица што примиле плата или друг вид доход од странство и важи без разлика дали данокот во странската држава е платен или не, а пресметката се поднесува преку системот е-Даночни услуги.
Клучната порака на Управата е практична: со пресметката мора да се достават и докази што ја потврдуваат висината, видот и периодот на доходот, како и евентуално платениот данок во странство. Тоа, во пракса, значи дека даночниот обврзник треба да може документарно да го „затвори кругот“ – од исплатата до даночниот третман. Дополнително, за примената на договорите за избегнување двојно оданочување, УЈП упатува дека постојат насоки и процедури што ја дефинираат документацијата и начинот на пресметка.
Зад административната формулација стои појасна порака: контролата не е „локална“ работа. УЈП наведува дека во 2025 година, во рамки на меѓународната соработка, поднела 203 барања до странски даночни органи за проверка на документација за граѓани што преку американски компании работеле во Авганистан и Ирак. Тоа е сигнал дека механизмите за размена на информации се активни и дека „ќе помине незабележано“ е сè послаб план.
Македонија
Одрон на патот Кичево-Гостивар кај Колари
На патниот правец Кичево – Гостивар поради голем одрон кај село Колари од 7 часот изутринава е воведен наизменичен сообраќај по една коловозна лента во должина од 30 метри, информира Диспечерско-информативниот центар на ЈП Македонијапат.
Поради одронот сообраќајот на патот Кичево – Гостивар од 5.40 часот беше во целосен прекин.
АМСМ информира дека од 05:45 часот на патниот правец село Лисец – Попова Шапка воведена е забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси.
– Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата – велат од АМСМ.
Препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Во сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата.

