Македонија
Препукувањата продолжија, ВМРО-ДПМНЕ му врати на премиерот: Амбасадата на САД јавно се огради од договорот со Бехтел и Енка и прстот го посочи кон Ковачевски
„Интервјуто на Ковачевски е показна вежба како изгледаат лагите на власта“, велат од ВМРО-ДПМНЕ откако претходно, премиерот Димитар Ковачевски ги обвини дека изнесуваат куп лаги за договорот со „Бектел и Енка“ како и обврските кои Македонија ги има преземено. ВМРОО-ДПМНЕ тврдат дека и Амбасадата на САД се има оградено од договорот и вперила прст кон премиерот.
„Прво Ковачевски по објавените сомнежи за криминал упатуваше на тоа одговори за договорот да се побараат во американските власти, а СДС го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека е против САД. Амбасадата на САД јавно се огради од договорот со Бехтел и Енка и прстот го посочи кон Ковачевски, добивајќи ладен туш, што е јасно дека Ковачевски манипулирал. Втората лага беше тврдењето на Ковачевски дека: “најмалку 51% од работниците ќе бидат ангажирани од Македонија”. Откако ВМРО-ДПМНЕ објави документ каде јасно се гледа дека дури 70% од работниците ќе бидат странци, стана јасно дека Ковачевски повторно лажел и денес ретерира велејќи дека не мислел на бројот на работници, туку на компаниите. Што е уште една небулоза и лага. Третата лага е новата инвестиција со која се фали Ковачевски. Јагео е присутна во Македонија преку Кемет електроникс, фирма ќерка која ја донесе ВМРО-ДПМНЕ, тоа не е нова инвестиција, туку проширување. Добро е што ќе се отворат нови работни места, но е жално што СДС по 6 годони власт уште нема нови инвестиции. Четврта лага е дека договорот за Бехтел и Енка е тајна. Тој не смее да е тајна, но владата намерно не го објавува и го крие за да се сокрие криминалот. Петта манипулација е што Ковачевски одбегнува да одговори зошто прифатил да плати дебели пенали и трошоци на Бехтел и Енка, а за возрат да ја зголеми работната недела. Зошто прифатил во земја со континентално право да се суспендира правниот систем и да важи англосаксонското право, како и да даде одговор зошто прифатил експропријацијата на легални објекти и дивоградби да биде по иста цена, и зошто за сите грешки при проектирањето на Бехтел и Енка трошоците ќе ги сноси државата? Од историска градба Ковачевски и Груби направија историска кражба од Коридорот 8“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, Ковачевски упати обвинувања кон ВМРО-ДПМНЕ преку телевизиско интервју.
„„Амбасадата на САД поддржува, исто како што јас поддржувам американски и компании од ЕУ како и од наши партнерски држави да бидат дел од нашите инфраструктурни проекти. Токму Бехтел е една од најголемите американски компании во делот на инфраструктура. Самиот договор е правен врз основа на специјалниот закон и врз основа на запазување на сите процедури. Комитетот којшто работеше на подготовка на договорот и сите ресорни министерства ќе им бидат на располагање на пратениците, исто како што беа на располагање на медиумите во два наврати преку детални брифинзи да го објаснат. Истото тоа ќе се направи и за експертската јавност и за невладините организации. Целта ни е сите да се уверат дека се работи за проект којшто прво е најголем проект, има огромно значење и заедно со другите проекти ќе има позитивен ефект на македонската економија. Овие инвестиции на годишно ниво ќе значат најмалку 2% зголемување на БДП на државата, зголемување на вработеноста бидејќи голем број на вработени ќе работат на овој проект. Зголемување на економската активност во голем број на области, бидејќи кога се работат вакви големи инфраструктурни проекти не се работи само за конкретни инфраструктурни работи, туку и за придружни индустрии од сместување на работниците, од подготовка на храна, логистика итн. Овој проект ќе претставува голем поттик за македонската економија со оглед на тоа дека доколку ги собереме сите инвестиции кои се веќе започнати во државата, значи покрај овој патен правец коридор 8 и коридор 10д ние веќе се наоѓаме во фаза на изградба на пругата кон Бугарија, потоа се планира исто така изградба на пруга и кон Албанија. Веќе министерот за транспорт и врски е во разговори. Јас ги завршив разговорите со колегата Вучиќ во делот на брзата пруга којашто ќе биде градена од Будимпешта – Белград, Белград до македонската граница. И веќе сме во фаза на потпишување на меморандум брзата пруга да продолжи и до нашиот главен град до новата железничка станица во Скопје. Со тоа ќе обезбедиме модерна инфраструктура којашто ќе овозможи државата да има поголем економски развој и порамномерен регионален економски развој“, рече претседателот на Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март не доби поддршка од пратениците од власта. Предлогот денеска беше на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта го одбила и предлогот за јавна расправа и разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.

