Македонија
Од неовластено прислушување, држење оружје, даночно затајување: МВР за Палевски, првоосомничениот за убиството на Вања
Министерството за внатрешни работи со појаснување за тоа кој е и какво криминално досие има осомничениот за трагичната смрт на Вања Ѓорчевска, Љупчо Палевски-Палчо.
„Во врска со Љ. П., осомничен за убиствата на В. Ѓ. и П. Ж., за тоа какви пријави се поднесени против него во претходниот период, во 2019 година против него е поднесена кривична пријава за неовластено прислушување и тонско снимање, а во текот на 2019 година поднесени се прекршочни пријави поради омаловажување полициски службеник“, соопшти МВР.
Појаснуваат дека во 2020 година против осомничениот е поднесена кривична пријава за недозволено држење оружје или распрскувачки материи и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.
„Во 2005 година е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластувањето и посебни случаи на фалсификување исправа, во 2002 година за лажно пријавување кривично дело, а во 2000 година за даночно затајување“, велат од МВР.
Палевски е во бегство, а како што истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, тој на 30 ноември побегнал во Србија, од каде што отишол во Бугарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Притисок, замрзнати сметки и понуда за багателен откуп: Како, според ВМРО-ДПМНЕ, Заев и Филипче сакале да ја преземат болницата на Жан Митрев
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешна прес-конференција изнесе обвинувања кон поранешниот премиер Зоран Заев и поранешниот министер за здравство, Венко Филипче. Според Петрушевски, двајцата му нуделе помош во тековната судска постапка на докторот Жан Митрев, во замена за отстапување на неговата болница по „багателна цена“.
„Преку државните институции и инсталациите во правосудството, Заев и Филипче вршеле притисок врз др. Жан Митрев за на легален начин и по релативно ниска цена да ја откупат болницата“, изјави Петрушевски.
Тој опиша дека, откако биле замрзнати сметките на доктор Митрев и неговата здравствена установа, бил спречен да продава удели од болницата додека траела постапката. Сепак, според зборовите на пратеникот, поранешната власт го заобиколила ова.
„Користејќи ја својата политичка моќ како власт во државата, ургирале да се тргне забраната за продажба на удели во болницата и му дале предлог на др. Жан Митрев, да им ја продаде болницата по багателна цена, а тие да му помогнат во судската постапка“, рече Петрушевски.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека овој случај не е изолиран, потсетувајќи дека за други болници во јавноста претходно се ширеле слични информации.
Македонија
МВР предупредува: Не наседнувајте на лажни пораки во име на директорот на БЈБ и од Единицата за сајбер безбедност
Во МВР пристигнуваат пријави од граѓани за добиенa електронска порака наводно во име на директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, во која се даваат насоки за 24 часа да се оди до полициска станица или да се испрати повратен емаил бидејќи наводно примачот на пораката е предмет на кривични истраги за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено, како детска порнографија, педофилија и трговија со дрога.
Според МВР, целта е примачот на пораката да се регистрира преку мејл и да ги даде неговите лични податоци.
МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на БЈБ – МВР ниту од одделението за сајбер криминал и безбедност.
„Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на граѓаните со цел нивна понатамошна злоупотреба. Покани до граѓаните за истражни постапки од страна на МВР не се испраќаат преку маил и доколку внимателно се прочитаат овие пораки може веднаш да се забележат грешки во текстот во однос на тоа дека е направен со лош превод на интернет со тоа и смислата на содржината на пораката насочува дека е сомнителна поточно измама“, велат од МВР.
Од таму апелираат на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, да не се контактира испраќачот и никако да не се споделуваат личните податоци кои ги бараат измамниците.
Исто така, МВР ги предупредува граѓаните да не отвораат линкови и датотеки кои се испратени во прилог на било која електронска порака која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на нивниот компјутерски систем од малициозен софтвер.
Македонија
Екипи на ЈП „Комунална хигиена“ го чистат Скопје од снегот
ЈП „Комунална хигиена Скопје“ спроведува активности за рачно и машинско чистење на снегот и мразот на булеварите и поголемите улици во сите скопски општини, со цел да се овозможи безбедно движење на пешаците и одвивање на сообраќајот, соопштија од претпријатието.
Активности за расчистување на снегот и мразот беа реализирани и во централното градско подрачје, плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, како и Старата чаршија.

Екипите на Претпријатието го расчистуваа реонот и околу Градската болница, Владата и Собранието на РМ. Спроведени се и активности за фрлање сол на пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев“, и „Слобода“, како и на сите пешачки мостови.
„ЈП ‘Комунална хигиена-Скопје’ ќе продолжи со активностите за расчистување на снегот и мразот во текот на денов и претстојната ноќ, во согласност со состојбата на терен“, се наведува во соопштението.

