Македонија
Од попладне пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец, особено изразен долж Повардарието и во Пелагонија. Попладне, почнувајќи од запад, со врнежи од дожд, локално поројни и проследени со грмежи. Минималната температура ќе биде помеѓу 5 и 13, а максималната ќе достигне од 17 до 25 степени.
Во Скопје умерено до значително облачно со умерен југоисточен ветер. Попладне со локален пороен дожд. Температурата ќе се движи од 10 до 24 степени.
Под влијание на серија влажни бранови утре попладне и во наредните денови времето ќе биде претежно облачно и нестабилно, на повеќе места со обилни врнежи од дожд (над 50 л/м2, а во крајните западни и југоисточни делови и над 70 л/м2 за целиот период). Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со грмежи, засилен ветер и појава на град.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Кризна состојба од 30 дена поради пожарите во државата, прогласи Владата

Портпаролката на Владата, Марија Митева на прес-конференција соопшти дека во државата се прогласува 30 дневна кризна состојба поради ситуацијата со пожарите во државата.
Одлуката како што образложи Митева ја донела Владата по денешните состаноци и поради сложеноста на теренот, високите температури, силните ветрови и ризикот за животната средина.
„Ова на терен значи се овозможува интегриран пристап и координирано дејстување на сите надлежни институции, Армијата, полицијата, противпожарната, Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како и локалните самоуправи. Ќе се мобилизираат сите ресурси, човечки, технички, логистички, со цел да се справиме со пожарите и заштита на населението“, посочи Митева.
Појасни дека Владата ќе обезбеди итна и навремена помош за сите засегнати подрачја заради спречување поголеми последици.
„Државата ќе биде таму каде што е најпотребно“, додаде таа.
Ги повика граѓаните на максимална внимателност и почитување на забраните поради пожарите.
Македонија
(Видео) Ставен под контрола пожарот во парк-шумата Гази Баба

Попладнево избил тежок пожар во парк-шумата Гази Баба веднаш до ПМФ, изјави Стојанче Ангелов директор на ДЗС.
Директорот на ЦУК, Мухамед Али информира дека кога стасал, на местото веќе биле пожарникарите на Град Скопје и доброволното друштво Чаир, со чија интервенција како што рече, пожарот на Гази Баба за два часа бил ставен под контрола.
Директорот на ЦУК соопшти дека на терен е дежурна екипа која ќе набљудува дали ќе има потреба од нова интервенција.
Македонија
Гаши-Дир: Поддршката од пријателските земји е од особено значење за Украина и украинскиот народ

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денес оствари средба со украинската амбасадорка во Република Северна Македонија, Лариса Дир. На средбата стана збор за состојбата во Украина во однос на целосната руска агресија, како и можностите за натамошно унапредување на соработката меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Врховната Рада на Украина.
Гаши ја потврди безрезервната поддршка за Украина, нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, како и напорите за воспоставување на сеопфатен, праведен и траен мир во земјата. Тој се осврна на плодната соработка меѓу двата парламента, на билатерален и мултилатерален план, како и улогата на пратеничките групи за пријателство и соработка. Гаши, исто така, го подвлече значењето на Интерпартиската парламентарна група на Собранието на Република Северна Македонија за поддршка на Кримската платформа.
Амбасадорката Лариса Дир се заблагодари за севкупната поддршка и за досегашната помош од нашата земја и изрази очекување дека тие ќе продолжат и во иднина. Таа нагласи дека поддршката од пријателските земји е од особено значење за Украина и украинскиот народ. Во таа насока, амбасадорката информираше за претстојните меѓународни состаноци на кои се очекува учество на високи претставници од нашата земја, меѓу кои и Четвртиот парламентарен самит на Меѓународната кримска платформа, што ќе се одржи во ноември годинава во Стокхолм.
Претседателот Гаши и амбасадорката Дир се осврнаа и на европската интеграција на двете земји и можностите за соработка на ова поле. Тие се согласија дека Северна Македонија и Украина имаат одлични билатерални односи, со голем потенцијал за натамошно унапредување на соработката во различни полиња од заемен интерес.