Македонија
Од 1 април му откажаа бубрезите, 40 отсто од телото му беше со изгореници, Таравари потврди дека во Литванија почина управителот на дискотеката „Пулс“

Министерот за здравство Арбен Таравари утрово потврди дека на повредите од пожарот во Кочани во Литванија, каде што беше на лекување, им подлегна Александар Карадакоски. Во Литванија бил испратен со 40 отсто изгорено тело.
„За жал, утрово, два часа пред да тргнам за Липково, ја добив лошата вест дека еден пациент е починат во Литванија. Од четворицата пациенти, тој беше најкритичниот. Од 1 април му откажа работата на бубрезите, практично беше ставен на дијализа и, за жал, утрово ја добив лошата информација дека починал. 40 отсто од телото му беше со изгореници. Од почетокот главен проблем беше инфекцијата, огромната површина рани што ги имаше на телото. Да се надеваме другите критични пациенти да поминат подобро и да ни се вратат во државата“, рече министерот Таравари утрово по посетата на Здравствениот дом во Липково.
Карадакоски е еден од четворицата пациенти за кои министерот постојано известува дека се во критична состојба. Министерот Таравари утрово извести дека од 80 пациенти што се лекуваат во странство, во овој момент има петнаесетмина, кои се интубирани, сите други дишат самостојно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: Буџетот на Чаир, Бујар би го потрошил за една недела, државниот ревизор му ги извади валканите алишта на виделина

Кандидатот за градоначалник на Чаир од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, денеска реагираше на начинот на кој поранешниот министер Бујар Османи ги менаџирал јавните пари, предупредувајќи дека злоупотребите и вештачки надуените цени во тендерите се директна опасност за секоја институција и за буџетот на граѓаните.
„Ако само замислиме дека со вакви цени, со вакви рекетирања, Бујар ќе ја косеше тревата во Чаир исто како во салата ‘Борис Трајковски’, тогаш е јасно дека буџетот на општината ќе се проголта за една недела. Со таков начин на лошо менаџирање, наставниците ќе останеа без плати, а граѓаните без основни услуги“, изјави Меџити.
Тој се повика на последниот извештај на Државниот завод за ревизија, кој како што оцени, констатирал сериозни злоупотреби при организацијата на дводневен самит, за кој биле потрошени околу два милиони евра државни пари.
„Овде не станува збор за мои зборови или политички обвинувања. Овде зборуваат фактите, документите и официјалните извештаи. А кога еден министер троши два милиони евра за дводневен самит, додека граѓаните се мачат со инфраструктура, образование и основни услови, тоа е непростливо“, нагласи Меџити.
Тој потсети и на времето кога Османи беше министер за здравство, споменувајќи дека во Гинеколошката болница во Чаир тогаш добил прекар „пациентот“ – што според него е симболичен показател за неуспешното раководење со институциите.
Меџити кој денес оствари посета на ОУ “Васил Главинов” порача дека Чаир заслужува транспарентно управување, реални инвестиции и грижа за граѓаните, а не злоупотреби и тендери со рекетирање.
„Граѓаните имаат право да знаат каде завршуваат нивните пари. Моја обврска како иден градоначалник е да ја вратам довербата и да го заштитам буџетот на Чаир од вакви злоупотреби“, заклучи тој.
Македонија
На Табановце се чека околу 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, поради летните одмори се бележи зголемена фрекфенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез од државата е околу 30 минути, додека на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре ќе се прска против комарци во Скопје

Од Градот Скопје известуваат дека утре (петок), во раните утрински часови ќе се изврши авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се прска првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин.
Се известуваат пчеларите навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.